Мафијашки пресметки без разрешница – Ѓурчески: Не треба да се исклучи сомнежот за поврзаност на полицијата со подземјето
Речиси невозможно е јавноста да очекува расветлување на пресметките на криминалното подземје. Сите убиства и вооружени напади се добро испланирани, а извршителите зад себе не оставаат никаков доказ. Поранешниот началник во МВР, Љубомир Ѓурчески за Алфа вели дека вооружената пресметка помеѓу криминалните кланови ќе трае се додека нарко босовите не одлучат поинаку, што е малку веројатно.
- „Многу тешко овие пресметки, и овие престрелки, ќе се сопрат и ќе се престанат. Ќе траат уште, се додека нивните главни босови односно шефови на светско ниво или ако сакате и европско и светско, додека тие не се согласат дека треба да престанат овие пресметки. Овие кривични дела се нарачани убиства, ги извршуваат професионално обучени членови на криминалните групи, и се многу тешки за докажување затоа што многу тешко може да се воспостави врската помеѓу оружје, материјалните докази што се наоѓаат на лице место, и сторителот на кривичното дело“ вели Љубомир Ѓурчески – поранешен началник на МВР.
Ѓурчески вели сите граѓани имаат право да се сомневаат за вмешаност и спрегата помеѓу полицијата и криминалното подземје. Тоа се должи на начинот на кој се извршуваат убиствата без простор за грешка.
- „Високиот степен на корупција кој што владее во нашите институции, остава основано сомнение ни остава простор да се сомневаме, како граѓани дека има некаква спрега помеѓу полицијата и криминалните групи. Овде станува збор за точно утврден идентитет, точно движење на жртвите односно маркираните.. “ вели Ѓурчески.
Последната пресметка во криминалното подземје се случи на Халкидики, а грчките медиуми уште истиот момент ја поврзаа со двојната ликвидација во старата скопска чаршија во март годинава. Орхан Бајрами познат по прекарот Оки беше убиен откако во него завршија 20-тина куршуми, а во Шиша Бар, со над 50-тина куршими ликвидирани беа Јетон Кривањева алијас „Жила“ и Енес Исеини. Со ова пресметка се поврзуваше и убиство во Приштина пред точно еден месец. Но досега ниту еден случај не доби расврска. Расветлување чека и пукотницата во Александар Палас. Токму Жила се поврзуваше и со тоа пукање во 2019-та каде освен него мета беше и Камер Идризи, кој ја преживеа оваа престрелката, но не и следната.. Беше убиен по две години. Но, не се знае, ниту кој го уби Камер Идризи. По една година од убиството на помладиот брат, во пресрет на празникот Рамазан Бајрам беше убиен и постариот Идризи – Јонуз, со пукање од автобил во движење додека седел во чајџилница во скопски Чаир. И во таа пукотница имаше и повредени и очевидци со рани од исекотини но инцитендот не доби расврска. Се уште не се најдени строителите на двојното убиство во Чаир кое се случи на 5 март пред две години, кога беа убиени две лица на воздраст од 28 и 24 години. Не се целосно расчистени ни случачите со убиството на Рузвелтова во 2018 година, ниту пак пукањето на Партизанска во близина на Лептокарија.
Викторија Миткова