„Матурска парада 2019“ на плоштад Македонија

Со чадори во рака и традиционален танц матурантите го прославија крајот на средношколските денови.На веселбата им се придружи и градскиот татко кој ги поздрави и заигра со нив.Матурата за младите значи крај на една фаза од животот и почеток на нова.

Она што е карактеристика за повеќето од нив е што својот образовен пат сакаат да го продолжат во странство.

Добрата атмосфера и забавата сепак не го засенија фактот дека од година во година, бројот на присутните матуранти на парадата е се помал. Причините за ова според граѓаните се добро познати.

Младите сакаат да заминат не само поради подоброто образование, туку и поради подобрите можности за вработување и заработка.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во редовните средни училишта на крајот на 2017/2018 година имало 70.861 ученик односно намалување за 2,2% во однос на претходната учебна година.

Слична е состојбата и кај основните училишта каде што исто така се забележува пад на бројот на ученици кој изнесува 188.102, што претставува намалување за 2.3 % во однос на претходната учебна година.

Праксата покажува дека студентите најчесто работа бараат во Соединетите Американски Држави и во Германија, но исто така се заинтересирани и за некои од туристичките дестинации како Малта, Црна Гора и Хрватска.