Маркетите штедат на струја, се повеќе расипани производи
Наместо смрзнати, купуваат полусмрзнати производи. Се поголем е бројот на преставки од граѓани кои се жалат дека замрзнатите производи кои ги купиле, го немаат потребниот квалитет, а според нив тоа се должи на фактот што во вечерните часови во маркетите фрижидерите се исклучуваат од струја. Преставки веќе има, а инспекторите треба да излезат на терерн и да утврдат дали ова е начин за трговците ги намалат сметките за струја, посочуваат од Организацијата на потрошувачи.
„Луѓето реагираат на тоа. Купиле производ, па го сликаат дека е расипан. Сега дали баш поради тоа е расипан не можеме ние да утврдиме, меѓутоа инспекторите може да бидат на терен, дури и рано сабајле да видат дали ладилниците се уклучени или не. Бидејќи може навечер илил во текот на денот да ги исклучуваат„ – вели Маријана Лончар Велкова од Организација на потрошувачи.
Во зимскиот период се очекува да се зголеми бројот на преставки поврзани со сметките за струја. Цената на трансмисија на струјата, најмногу ги буни граѓаните, но уште повеќе најавата дека дрвата за огрев не смеат да се продават повеќе од 3000денари по кубик, објаснува Велкова.
„Луѓето не можат да ги најдат тие дрва по 3000денари. И јас лично барав не можев да ги најдам. И кога правевме истражување пак не најдовме. Сега ќе мора да купат помалку од потребното, за дополнително не го оптеретат буџетот. Таква цена од 3000 до 3500денари нема„- изјави Маријана Лончар Велкова, претседателка на Организација на потрошувачи.
Од Организацијата на потрошувачи остануваат на ставот дека треба да се замрзнат цените на производите, а не маржите. Велат, тоа е единствен начин за граѓанинот се спаси од секојдневниот ценовен шок што го доживува со секое влегување во маркетите.
Александра Ристевска