Маричиќ ни кажа што ни донесе протоколот: Имаме рок од две години да ги промениме учебниците

Имаме две години да ги промениме учебниците по историја, како што ни договорила историската комисија со Бугарија, соопшти вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. Она што го договори комисијата се поклопува со протоколот, кој власта сакаше да го продаде дека не бил проблематичен, а сепак во него имаме прецизни рокови, кои мораме да ги испочитуваме ако не сакаме нови бугарски блокади.
-Владите имаат обврска во рок од две години откако се постигнати некакви резултати и објавени, да ги спроведат. Секако тоа оди во фази и оди низ работа на институциите. Она што е задача на комисијата е да утврди точки и наратив, текстови за заедничко чествување и за евентуална корекција во учебниците. Притоа да не заборавиме тој текст кој е објавен имаат подеднакво обврска и Македонија и Бугарија да ги имплементираат во својот систем и тоа функционира на принцип на реципроцитет, односно важечко е ако и двете страни ги имплементираат, изјави Маричиќ.
Услов за напредок кон ЕУ се и уставните измени, со кои Бугарите би влегле во нашиот устав. Има ли власта двотретинскомнозинство? На поканата на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, уставните измени веднаш да влезат во Собранието, Маричиќ вели, да почекаме имало време, кога пратениците ќе одлучуваат за тоа, одговор немаше.
=Се надевам дека ќе смогнат сили или како партија или како политички структури во партијата да дадат поддршка за овој процес. Ние се уште немаме временска рамка, велам скринингот ни остава доволно простор да делуваме и ќе работиме на ова интензивно. Секако процедурата во Собрание ќе почне во некоја понатамошна фаза, сега мислам дека е рано, вели Маричиќ.
Околу оптимизмот на премиерот Ковачевски и Али Ахмети за брзо членство и напредување кон ЕУ, Маричиќ кажа дека и тој бил оптимист, сме морале сами да го кревме оптимизмот. Но, за датум и година кога би биле членка на ЕУ, не сакаше да зборува.
Матеја Петровски