Маричиќ во Брисел го отвара скринингот за правосудство, во моменти кога тоне во афери

Што ќе покаже билатералниот скрининг на тема Правосудство и фундаментални вредности? – Бојан Маричиќ како вицепремиер задолжен за европските интеграции во Брисел уверува дека од реформите ќе се видело резултат, а дома, правосудниот систем пука по сите шавови. По којзнае кој пат на маса математичко-политичките калкулации во правосудните институции

Павлина Црвенковска на 4 месеци до истекувањето на мандатот се повлече од функцијата, а како причина наведе притисоци од судско-бизнис елитата. Новиот шеф таму ќе се бира за 5 дена, а политичарите и апелираат на Црвенковска ако го доживеала индиции за влијанија да пријави во надлежните институции.

Од другата страна, Советот на јавни обвинители изборот за шефови на скопското и гостиварското вишо обвинителство го одолговлекува со недели. Откако првиот пат членовите побараа време да разгледаат оцени на кандидатите, двајца од нив, Фатиме Фетаи и Бурим Рустеми се откажаа од трката. На седница не дојде државниот обвинител Љубомир Јовески поради здравствени причини, за последно Советот да каже дека нема кворум за избор. Шпекулациите практично се остварија – нов мандат да добие актуалниот шеф на скопското Вишо, Мустафа Хајрулахи.

Но не само ова, правосудниот систем во континуитет е на удар. Не така далечно минато е контроверзниот избор на Ислам Абази за нов шеф на Организиран криминал и корупција, без да го видат колегите а уште помалку јавноста. Се појави пред медиумите за прв пат , еден ден по изборот, негираше партиска блискост со членството на ДУИ, што за два часа се демантираше. Алфа дојде до фотографии со него и Фикри Ахмети, братот на Али Ахмети, но и со екс градоначалникот на Гостивар од редот на Интегративците. Тие слики рече Абази биле од свадби и веселби бидејќи потекнувале од исто село, а сакал да се качува и по планини.

  • Се сретнавме на врвот, и ништо повеќе од тоа. По однос на другите фотографии, јас и моите родители потекнуваме од Зајас. Тоа е село како што знаете и се случува јас и моите родители да бидеме поканети со многу луѓе на иста свадба или настан. На таа фотографија со братот на Ахмети, сме повикани на свадба. Сме се сретнале таму, и тоа е. На тие свадби ние никогаш не сме зборувале ни за предмети, ниту пак за политика“, рече Абази – нов шеф на ОЈО ГОКК.

Изборот на Абази не беше транспарентен ниту за американската амбасадорка, а правниците за тоа вклучија аларм многу порано, но беа навредувани од членовите во Советот на јавни обвинители.

  • Тоа не е сигурно нешто да посакуваме, да форсираме кадри на истакнати, битни позиции, како што практично ударна тупаница во борбата со криминалот и корупцијата, кои што се под партиска влијанија. Партиските влијанија не ни се нови, а она што мене најмногу ме загрижува е она што го разочарува народот. Колку што може да се види по социјалните мрежи. И самата институција, обвинителите самите по себе немаат базичен интегритет. И во едно тајно гласање гласаат за личност што ќе им биде кажана “, изјави за Алфа, професорот Калајџиев.  

А под истрага е претходничката на Абази, Вилма Русковска, како и двете обвинителки Елизабета Јосифовска и Ивана Трајчева, поради претресот во Управата за финансиска полиција, а кривична пријава има и за екс директорот Арафат Муареми. Не изостана и битката кој да биде член во Академијата за судии и јавни обвинители. Практично, ниту еден член во Академијата не беше избран без поголема врева. Не изостана и скандалот со предвремениот положен правосуден испит на помладиот Џафери, пред да заврши правни студии со 300 кредити.  

Викторија Миткова

Advertisements