МАПАС: Нема криза во приватните пензиски друштва

Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување – МАПАС тврди дека нема криза во приватните пензиски друштва, откако во јавноста излезе на виделина скандалот за нераспределените осигуреници во вториот столб. Од таму сега велат дека над 14.000 вработени и осигуреници на Фондот за пензиско и идни пензионери, ги имаат на располагање средствата, сега распределени во приватните пензиски друштва.

– Од Фондот за пензиско кон друштвата согласно законските измени се префрлени 14.032 осигуреници, кои сега се членови во вториот пензиски столб, односно се префрлени и вкупно една милијарда и 100 милиони денари. Морам да напоменам дека ова не се конечни износи на средства, ниту конечна бројка на осигуреници. Тие треба да се знаат до 30 септември, рече Дарко Саздов член на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на на капитално финансирано пензиско осигурување.

Нерегуларноста со несраспределба на осигурениците во вториот столб ја објави Министерството за труд и социјална политика. Нивната проценка беше дека станува збор за околу 12.000 граѓани во периодот од 2003 до 2007 година, а не од 2009 и 2010 година. Од МАПАС смируваат дека сега место за паника нема.

Од регулаторот на пензиските друштва, МАПАС додаваат дека лани вредноста на средствата во доброволниот пензиски столб била 25 милиони евра, на сметките на вкупно 24.388 членови.

Од МАПАС велат дека соработуваат со надлежните институции и дека навреме ги информирале луѓето во кој пензиски фонд членуваат, колку пари биле префрлени.

Само лани во пензиските друштва од вториот пензиски столб имало над 490.000 членови, на просечна возраст од 35 години. До крајот на минатата година во друштвата влегле околу една милијарда евра, велат од МАПАС.
Лани била остварена 281 исплата на надоместок од третиот столб, во најголем дел поради старост и во најголем дел како еднократни исплати.

Борис Грујоски