Манчевски ќе расчистувал со административците вработени од претходната власт

Откако под притисок на јавноста за скандалот со бројните вработувања на блиски роднини на актуелните функционери беа поднесени и првите оставки, власта сега најавува нови списоци со имиња кои ќе ги чешла Антикорупциска. Од работа да се повлечеле и вработените од власта и опозицијата.

Додека едни даваат оставки, други се вработуваат. Засега функционерите на ДУИ остануваат имуни на сите притисоци од јавноста за вработувањата на роднините во администрација.
Министерот Бектеши не гледа потреба да се објаснува со граѓаните, а уште помалку чувствува одговорност за тоа што си ја вработи сестрата во МЕПСО, а пред извесно време обезбедил место во ЕЛЕМ и за близок роднина и на неговата сопруга.

Од неодамна ЕЛЕМ е засилена со вработувањето и на синот на заменик генсекот на Влада, Хани. На листата на Електрани е и сестрата на министерот за култура Асаф Адеми и ќерката на собранискиот спикер, Бесија Џафери.

Првиот човек на државна ЕЛЕМ која и натаму останува најатрактивна за вработување на роднините на функционерите, си обезбедил и место за својата сопруга, Александра Миновска, која од октомври лани е шефица на Кабинет на директорката на Централен Регистар.

Антикорупциска минатата недела под лупа стави 18 имиња на функционери и ќе испитува дали постои непотизам при нивното вработувањел. Оттаму за Алфа велат дека испратени се барања за добивање на документите за 18-те отворени случаи по скандалот со вработувањата, но се уште немаат одговор. За следната недела планирана е нова седница, но не се исклучува можноста да бидат отворени и нови случаи за бројните вработувања на блиски на актуелните функционери.

Претседателката Ивановска во емисија на Алфа веќе посочи дека оставките на дел од нововработените нема да ги затворат отворените истраги за нивното вработување. Децидна е дека во земјава постои систем на непотизам кој мора да се искорени…

Ивана Соколовиќ Најдова