Манчевски ќе расчистувал со административците вработени за време на претходната власт

Откако под притисок на јавноста за скандалот со бројните вработувања на блиски роднини на актуелните функционери беа поднесени и првите оставки, власта сега најавува нови списоци со имиња кои ќе ги чешла Антикорупциска. Ќе расчистуваат и со вработените административци вработени од претходната власт, најави министерот Манчевски.

Премиерот пак тврди ако некаде била прекршена процедурата, одноговорност ќе имало. А Кирацовски кој си вработи неколку свои роднини на државни позиции, секогаш транспарентно постапувал, го правдаше Заев.

И додека власта дава ветување дека ќе го решава непотизмот, опозицијата објави нови два случаи на вработување роднини. Пратеничките Ременски и Шуманска си ги вработиле кумот и братот во државни фирми.

Засега функционерите на ДУИ остануваат имуни на сите притисоци од јавноста за вработувањата на роднините во администрација. Од неодамна ЕЛЕМ е засилена со вработувањето и на синот на заменик генсекот на Влада, Хани. На листата на Електрани е и сестрата на министерот за култура Асаф Адеми и ќерката на собранискиот спикер, Бесија Џафери.

Антикорупциска минатата недела под лупа стави 18 имиња на функционери и ќе испитува дали постои непотизам при нивното вработувањел. Оттаму за Алфа велат дека испратени се барања за добивање на документите за 18-те отворени случаи по скандалот со вработувањата, но се уште немаат одговор. За следната недела планирана е нова седница, но не се исклучува можноста да бидат отворени и нови случаи за бројните вработувања на блиски на актуелните функционери.

Претседателката Ивановска во емисија на Алфа веќе посочи дека оставките на дел од нововработените нема да ги затворат отворените истраги за нивното вработување. Децидна е дека во земјава постои систем на непотизам кој мора да се искорени…

Ивана Соколовиќ Најдова