Манчевски: членовите на СДСМ 10 години не можеа да се вработат

Масовни вработувања во јавниот сектор пред избори. Најголем број на луѓе вработуваат јавните претпријатија, кои пак тонат во долгови. Многу од нив не платиле милиони за данок и придонеси и веќе се најдоа на непопуларната листа на УЈП на најголеми должници. Само во Охрид по 70-те вработувања и унапредувања минатиот месец, од кои 40-тина во „Охридски комуналец“, се вработиле и 25 луѓе во ЈП „Проаква“ и уште 15 во другите јавни претпријатија. Предизборно луѓе се ангажираат и во Јавното претпријатие „Комунална хигиена – Скопје“.

Во новата 2019-та година се распишаа голем број огласи за вработување во јавната администрација, за која сега владејачката СДСМ како опозиција тврдеше дека е преполнета и треба нејзино кратење. Сега во обид да ги оправда новите вработувања, министерот Манчевски се пожали дека членовите на СДСМ не можеле да се вработат ниту во јавниот, а ниту во приватниот сектор.

„Како член на СДСМ, јас сум член на СДСМ. 10 години сите членови на СДСМ, секој може да спори колку сака, ама ова го тврдам, ние бевме најдискриминирана категорија граѓани во државата. Не од 2011-та, 2013-та, од 2006-та. За нас беше забрането и во јавен и во приватен сектор, било кој со членска книшка да се вработи“ – вели Манчевски.

Огласи за нови вработувања во администрацијата има насекаде, во министерството за информатичко општество, министерството за локална самоуправа, државниот пазарен инспекторат, Комисијата за хартии од вредност, Регулаторната комисија за енергетика, Фондот за иновации и многу други.