Манчевски за Алфа: Не сопира грабежот во Агенцијата за филм
Агенцијата за филм е дувло на неспособност, криминал и корупција, аламира режисерот Милчо Манчевски. Вели дека таму има низа нерегуларности потвдени и од повеќе државни институции. Сепак, никој не презема ништо конкретно а директорот Бојан Лазаревски и натаму си тера по свое.
- „Државниот завод за ревизија, Антикорупциска, Транспаренси сите реагираа. И има пријави за мобинг од директорот. Антикорупциската комисија откри судир на интереси и незаконско работење во Агенцијата пред три години, а сега повторно го испитува работењето на нејзиното раководство. Државниот завод за ревизија изрази негативно мислење и наведе причини за покренување кривични постапки. Комисијата за заштита на конкуренција го разгледува случајот на незаконско давање државни пари на приватно здружение. Транспаренси интернешнл на два пати годинава заклучи дека во Агенцијата не се работи незаконски. Власта, застана зад ова незаконско работење и прашува каде заминале државните пари, кога годинава не е снимена ниту една минута домашна продукција“, вели меѓу другото за Алфа, режисерот Милчо Манчевски.
Народните пари наместо да се вложат во домашни продукции кои ќе ја промовираат македонска култура пред светот се даваат на малцински копродукции зашто така полесно се перат, вели Манчевски.
На последниот конкурс беше поддржан само еден домашен долгометражен филм, а во исто време беа доделени средства на осум копродукции каде Македонија е само помал партнер.
- „Единствена релевантна институција на планетава која ја поддржува катастрофалната и криминална работа на Агенцијата е Владата. „Банана филм” поднесе шест кривични пријави за корупција, судир на интереси, местени конкурси, итн.“, додава меѓу другото, режисерот Манчевски.
Инаку Агенцијата за филм му поднесе кривична пријава на Манчевски, односно на неговата продукција „Банана филм“ откако тој почна јавно да зборува за проблемите таму.
Реномираниот венециски филмски фестивал изрази поддршка за македонискиот режисер, а директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски, упати критики за еден од најпознатите и најстари фестивали во светот зашто се дрзнал да застане во одбрана на Милчо Манчевски.
Апсурдот да е поголем, директорот на Агенцијата Лазаревски е назначен на функцијата иако нема никаква врска со филм оти доаѓа со претходно искуство од банкарскиот сектор.
Борис Грујоски