Манчевски:администрацијата ќе се крати, но откази ќе нема, службениците доброволно во стопанството

Министерот Дамјан Манчевски ќе ја намалува администрацијата, но ветува дека откази ќе нема. Ќе ги мотивира службениците доброволно да се префрлат во приватниот сектор. Не одговори кога и на кој начин тоа ќе се случи, само напомена дека процесот ќе заврши до крајот на годинава.

„Нема потреба административците да се плашат од начинот на кој ќе биде спроведено тоа. Сè ќе биде доброволно, но факт е дека нешто мора да направивме во реформата на сиситемот и оптимизација на вработените во јавниот сектор. Ситуацијата не може да остане статус кво“, вели Манчевски.

И додека министерот најавува намалување на обемот на администрацијата, признава дека нема доволно кадар за преговори со ЕУ и најавува дека ќе бара експерти надвор од администрацијата. Од друга страна, постојано се објавуваат огласи за нови вработувања. За само една година регистрирани се 3.346 повеќе вработени во јавниот сектор. Манчевски вели дека новите вработувања биле оправдани.

Административците веќе се изјаснија против предлогот да бидат префрлени во стопанството. Протестираа неколку пати, а протестните маршеви ќе ги продолжат и за Денот на трудот и по изборите. Бараат повисоки плати, исплата на К-15 и во јавниот сектор, бенефициран стаж за шумските полицајци. Револтирани се и вработените во културата кои подолг период преговараа за нивелација на платите, но наместо од март, ќе ја добијат по изборите. Според последните податоци, во државните институции работат над 132 илјади лица.

Тања Попова