Манипулации со Законот за јазици – стапи во сила без мислење од Венецијанската комисија

Со огромни пропусти донесен и објавен законот за јазици. Додека од Владата наложуваат негова имплементација, најавувајќи казни за сите што нема да го почитуваат, допрва ќе се бара мислење од Венецијанската комисија, кое требаше да биде побарано пред неговото стапување во сила.

Од Владата сега ветуваат дека сите препораки од оваа комисија ќе биде земени предвид, но отпосле.
Дека законот ќе биде прегледан од Венецијанската комисија, најавуваше и премиерот Заев, одамна, пред една година, а истото го побараа и од Европската Унија, по неговото првично донесување лани.

Од Министерството за правда за Алфа потврдија дека законот сè уште не е испратен до Венецијанската комисија.

-Согласно заклучок на Владата, Законот за употреба на јазиците ќе биде испратен до Венецијанската комисија во најбрз можен рок, велат од Минисрството за правда.

Од таму посочија дека прашањето треба да го упатиме и до првиот човек на државата, Ѓорге Иванов, оти и тој имал право да го испрати законот до комисијата.

Според праксата, правната и политичка логика, за да се добие препорака од Венецијанската комисија, законот се праќа на мислење до неа претходно, пред неговото донесување, а по усвојувањето, надлежен е Уставниот суд, кој има пак има искуство во одлучување за закони со параф од собраниски спикер, наместо од шефот на државата.

Во 1998 година уставниот суд го укина тогашниот закон за употреба на знамињата преку кој припадниците на националностите го изразуваат идентитетот, кој го потпиша Тито Петковски како претседател на Собранието, кога шеф на државата беше Киро Глигоров, кој пак одби да стави свој потпис на конкретниот закон.

Сања Трајковска Ставров