Маневар на власта: Манифест за обединување за преговори со ЕУ, или нов притисок за Бугарите во Уставот?
Нов притисок за гласање на уставните измени. Партиите дел од владината коалиција под плаштот на единство за зачленување во ЕУ преточен во манифест, сакаат да ги обрзат сите политички партии да дадат поддршка за внесување на Бугарите во Уставот. Преку документот, повикуваат Собранието да ги изгласа уставните амандмани за да може да се одржи втората меѓувладина конференција. Тврдат дека понатаму процесот нема да биде условуван од земјите членки. Како што пишуваат,манифестот бил добра основа за обединување околу европската иднина, иако такво нешто не е дискутабилно, со оглед на фактот што ниту една парламентарна партија во Македонија се нема изјаснето против ЕУ.
- „Политиките на СДСМ и коалицијата, за интеграција во НАТО и полноправно членство во ЕУ не се само политики за остварување на врвните стратешки приоритети и национални интереси, тоа се политики за сигурна и стабилна иднина за сите граѓани, економски напредок, развој и европски вредности.Ние сме чувари на македонскиот идентитет, јазик, култура и традиција, но и на заедништвото меѓу сите наши граѓани, без разлика на етничка, верска или друга припадност“ велат од СДСМ.
Партијата на Ахмети, порачува дека е време за обединување на политичките партии.
- „ДУИ смета дека е време за обединување политички партии, неполитички субјекти и невладини организации преку овој важен чекор на потпишување на заеднички манифест со кој сите заедно ќе се обврзат за ефикасно и квалитетно водење на преговорите за пристапување во ЕУ.Во манифестот повикуваме на прифатените заеднички европски вредности кои произлегуваат од Копенхашките критериуми, Процесот за стабилизација и асоцијација, преговарачката рамка, а сè со цел што поквалитетно завршување на преговарачкиот процес и побрз влез во ЕУ“ велат од Демократската унија за интеграција.
За опозицијата ова е уште еден провиден обид на власта, кој не е во насока за остварување на стратешките интереси на државата.
- „Со овој чекор власта уште еднаш ја испушта можноста за консезус. Имено седнале Бујар Османи, Артан Груби и можеби Бојан Маричиќ напишале документ кој го насловиле манифест и откако самите го дефинирале го пуштаат во форма на соопштение преку сервисната служба на СДС до јавност со повик ВМРО-ДПМНЕ да прифати веќе напишан документ. Освен тоа што со овој чекор тие признаваат дека не мрднале ниту милиметар во насока на остварување на стратешките интереси на државата, тие покажуваат и отсуство на целосен капацитет за градење на консензус. ВМРО-ДПМНЕ откако официјално ќе го добие тој документ, ако воопшто има основа за разгледување, ќе го изанализира и ќе излезе со свој став“ рече Наум Стоилковски – ВМРО-ДПМНЕ.
Манифестот доаѓа по цврстиот став на опозицијата дека нема да гласа за отврање на Уставот по бугарски диктат и дека ги прекинува сите разговори на таа тема. Но и по шпекулациите дека пратеници од мозинството нема да дадат поддршка за промена на највисокиот правен акт.
Викторија Миткова