НАЈНОВИ ВЕСТИ

Манастирот Tрескавец за четири месеци ќе добие водовод 

Балканското светилиште, Манастирот „Успение на Пресвета Богородица – Трескавец“, до крајот на годинава конечно ќе добие водовод. Изградбата ќе започне наредната недела и според планот треба да заврши за четири месеци. Основниот проект за кој е дадено одобрението за градба е изготвен на крајот од минатата година и со тоа општина Прилеп ги исполни сите обврски во врска со овој проект, а од чија реализација зависи и техничкиот прием на новоизградените конаци и на што се чека речиси три години.

   „Можеме конечно да потврдиме дека тоа што многу години се чекало во општина Прилеп, конечно во понеделник ќе се почне со изведба на самиот водоводен систем. Со самото отпочнување на овој проект, предвидените пари кои што ги дава Светска банка преку ТАВ Скопје беа недоволно за овој проект и тука самата општина влезе во кофинансирање на овој проект“, – истакна Игор Гулабоски, директор на ЈКП „Водовод и канализација“, Прилеп.

   Со манастирскиот водоснабдителен систем ќе стопанисува прилепски „Водовод“. Средствата за овој проект во висина од 100.000 евра се обезбедени преку ТАВ Македонија, а додека околу 50.000 евра ќе кофинансира општината. Следна фаза е изградба и на мини-пречистителна станица, исто така за потребите на Манастирскиот комплекс.

   „Самиот изведувач ТАВ Македонија има избрано и подизведувач кој што ќе фи врши градежните активности, а тоа е „Игнација“ од Битола. Бидејќи се работи за манастирски комплекс и тој е културно заштитетно наследство, надзор на работите мора да има и Музејот со кого имаме склучено договор како Општина, во смисла да не се наиде на некои историски артефакти“, – кажа Татјана Попоска, раководител на Секторот за урбанизам при о. Прилеп.

    Инаку, Манастирот „Трескавец“ датира од 13-от век и е дел од националното културно наследство. Во 2013 година беше зафатен од силен пожар кој до темел ги пеплоса конаците. Огнената стихија ја одмина само манстирската црква, а која претходно, на очиглед на сите, со децении се распаѓаше. После пожарот, напоредно со возбновувањето на конаците, се пристапи и кон нејзина конзервација,  која се уште е во тек. Минатата централна власт, пред 10 години го изгради  и првиот асфалтен пат до Манстирот во должина од 7,5 км, во крајно непристапен терен, на надморска височина од 1280 метри.

   Каролина Дурло