Мали надежи од министерскиот совет во Луксембург – Заев сепак оптимист

Македонија и Aлбанија ќе бидат главна тема на утрешните разговори на министерскиот Совет на ЕУ, но мали се шансите дека Министрите за надворешни и европски работи на земјите членки на Унијата, ќе донесат некаква одлука во врска со отпочнувањето на преговори. Иако еврокомесарот Хан и шефицата на евро дипломатијата Могерини повторно упатија повик за отворање на преговорите со нашата земја во најбрз можен рок, досегашните пораки од Германија и особено од Франција не даваат надеж дека тоа навистина и ќе се случи. Пореално е да се очекува датумот да го добиеме дури во октомври, иако и тоа е под знак прашање. По берлинската средба на Заев со Меркел од Владата тврдеа дека Бундестагот ќе даде одобрување во септември, но од канцеларијата на Меркел имаше само штуро објаснување во кое се наведува дека разговарале за билатералните односи, а фокусот бил ставен и на „прашање од надворешната и европската политика“. Македонските власти во последно време бараат Македонија да не биде заложник на соседна Албанија, односно доколку Тирана не ги исполнува условите двете земји да бидат одвоени во процесот, што пак наиде на огорчување кај западните соседи. Франција пак, која се смета за најголем песимист во однос на проширувањето на ЕУ, преку амбасадорот Тимоние ни порача дека и ние не сме ги исполните нашите обврски, бидејќи реформите во сите сектори стагнираат.

– Вие презедовте еден кредит, тоа е сосем јасно, но тој кредит не е доволен за на крајот да се добие датум за почеток на преговори. Датумот можеби сега е претерана тема за поделби, сега главно прашање е квалитетот на реформите кои се прават, дали е постигнат некаков напредок  – изјави францускиот амбасадор Кристијан Тимоние во интреју за Алфа.

А дека и покрај сериозните напори од Европската комисија да се обезбеди позитивен резултат за Македонија, одредени земји не сакаат да попуштат – неодамна потврди и претседателот на комисијата, Жан Клод Јункер.

– Македонија испорача, сега е ред и ЕУ да го стори истото. Знам дека некои земји членки имаат одредена загриженост, но ќе направам се што е можно за да ги убедам – порача претседателот не ЕК, Жан Клод Јункер.

И покрај се премиерот Заев во интервју за германски Ханделсблат вели дека очекува јасен заклучок од утрешниот состанок дека годинава ќе ги започнеме преговорите за членство, а според оптимистичното сценарио во ЕУ ќе влеземе меѓу 2025 и 2030 година. Инаку, одлуката што ќе ја донесат министрите во Луксембург, каква и да биде, потоа ќе треба да ја потврдат шефовите на држави и влади на унијата, на Европскиот совет закажан за 20 и 21 јуни во Брисел.

Драган Милосављевиќ