Малите партии во власта исплашени од Ковачевски и Ахмети, само Трајанов даде јасна осуда

Дел од помалите коалициони партнери на власт со остра критика за изјавите на  Ковачевски и Ахмети за Алфа и Телма, а дел пак, срамежливо – порачаа дека треба да се почитува слободата на говор но се оградуваат и не сакаат конкретно да ги коментираат скандалозните изјави на Ковачевски и Ахмети. Ваквите излагања  се неприфатливи и се мешање во уредувачката политика на медиумите, вели Павле Трајанов од Демократски сојуз.  

Мислам дека изјавите на Ахмети и на Ковачевски се неприфатливи и тоа е притисок на независноста на медиумите.  Оправдани се реакциите од здруженијата на новинари  и од самите новинари. Ваквите изјави не се  во функција на демократскиот систем на државата,  и се мешање во уредувачката политика на медиумските куќи  тие се неприфатливи , кажа Павле Трајанов од Демократски сојуз

Работа на политичарите е да одговараат на прашањата од новинарите, а не да ја судат нивната работа, смета ДОМ. Маја Морачанин  поблаго критикувајќи,  порача дека треба да се почитуваат принципите на професионално и објективно новинарство.

Независно објективно и професионално новинарство е во суштината на демократијата, апсолутно сметам дека ние сите како политачири треба да ги почитуваме овие принципи и не е во ред да се даваат изјави за одредени медиуми и за работењето на медиумите без разлика кој е нашиот став.  Ние сме должни да одговараме на прашањата од новинарите затоа што тоа се прашања на граѓаните,  а не да ја судиме нивната работа , рече Маја Морачанин од ДОМ.

ЛДП и Алтернатива се оградија од коментирање на изјавите на  Ковачевски и Ахмети.

Тоа се нивни лични мислења, а ние треба да ја почитуваме слобода на медиумите, без разлика колку тоа нас ни се допаѓа или не . Како политичари треба да имаме повисок праг на толерација и сите заедно имаме одговорност и медиумите и политичарите.  Во однос на изјавите на Ахмети и Ковачевски тоа се нивни лични ставови, јас како либерал секогаш се борам за слобода, медиумите се изворот на информации, рече Моника Зајкова од ЛДП.

Ние имаме добри односи со сите медиуми и сме отворени кон сите и треба сите да имаме реципрочна интеракција  едни кон други, не би коментирал што другите политичари зборуваат  кон вас , кажа Африм Гаши од Алтернатива.

АЛФА се обиде да стапи во контакт и со првиот човек на ДПА, Мендух Тачи, но не одговори на нашите повици и пораки. 

Кристина Алексиеска

Advertisements