„Малиот битолски Монмартр“ фрлен на спореден колосек

Еден од најголемите брендови во областа на културата на Битола и на Државата, детската ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ која четири децени го негува детското ликовно творештво преку младите ликовни амбасадори и е културно собиралиште на учесници од целиот свет, годинава Министерството за култура го фрли на спореден колосек. За реализирањето на оваа манифестација, на која пристигнуваат по најмалку десет илјади ликовни творби од сите меридијани и на колонијата доаѓаат по најмалку сто учесници од преку триесет држави, годинава се одобрени само сто илјади денари, додека за Гинисовата изложба која нашата држава ја има претставувано на пет олимпијади и во повеќе земји, креаторите на културата, бирократски не доделија ниту еден денар.

  • Што сум јас најмногу разочаран оваа година? Верувајте, во моите 60 години што работам со деца, да се случи оваа држава не знам како да кажам, дали е можно да не го финансира најубавото, пријателството, другарувањето на децата од целиот свет и да ни се доделат само сто илјади денари, пари колку за семки – рече творецот на интернационалната ликовна колонија Коста Хаџи Антоновски.

Творецот на „Малиот битолски Монмартр“ кој има добиено највисоки признанија во повеќе држави во светот, не може да преболи што бирократите кои одлучуваат за народните пари, не доделија ниту денар за Интернационалната изложба која секоја година презентира по 10.000 творби од цел свет.

  • Да се учествува на пет олимпијади тоа за нас е најголем успех. Гинисовите изложби што ги организираме, не верувам дека некој во светот ги има и дека има толку голема детска галерија. Ова е значи брука за мене, брука и сакам отворено да кажам, дали може некој да се пднесува така спрема еден човек што тука го остави својот живот – со резигнација вели Хаџи Антоновски.

„Малиот битолски Монмартр“ годинава треба да се одржи по 38. пат, а досега младите ликовни творци имаат освоено над две илјади награди во Португалија, Франција, Кина, Индија, Хонконг и во други држави. За колонијата, Државата одвои само 6% од потребните пари, а за вкупните активности потребни се 50.000 евра. Во ризницата на ова културно јадро, се наоѓаат над пестотини илјади ликовни творби, интернационално ликовно богатство, за кое државата нема обезбедено ниту безбедно депо.

Петар Стефановски