Макрон гневен: Осквернавени еврејски гробишта со нацистички графити (+Видео)

Речиси стотина гробови на еврејски гробишта во Франција беа осквернавени вчера во Франција со свастики и други нацистички обележја.

Францускиот претседател Емануел Макрон веднаш ги посети гробиштата во источна Франција во покраината Алзас, во селото Кваценајм крај Стразбур. „За мене е важно да бидам тука со вас денес“, им порача тој на лидерите на локалната заедница, вклучувајќи го главниот рабин на Стразбур Харолд Абрахам Веил.

„Антисемитизмот е негација на она што Франција е“, напиша Макрон на Твитер на пат кон еврејските гробишта.

Освен кукастите крстови, на една надгробна плоча вандалите напишале „Црни алзашки волци“ на германски (Elsässischen Schwarzen Wolfe), името на милитантната, екстремно десна сепаратистичка организација активна во седумдесеттите и осумдесеттите години во француската покраина. Оваа група го запали музејот на поранешниот нацистички логор на смртта Нацвејлер-Струтхоф во 1976-та.

Во декември беа осквернавети други еврејски гробишта со нацистички графити, тие во крадот Херлишајм.

Набрзо откако беа откриени нацистичките графити на еврејските гробишта, низ земјата беа одржани протести против повторниот пораст на антисемитизмот. Илјадници Французи излегоа во десетина градови на улиците под слоганот „Доста е“. Протестите ги организираа дури 14 француски партии, а им се придружија и поранешните претседатели Франсоа Оланд и Никола Саркози.

„Антисемитизмот не е проблем на Евреите, туку на сите Французи“, истакна тогаш Оланд.

Франција ја има најголемата преостаната еврејска заедница по холокаустот во Европа, со околу половина милион луѓе. Но, седумдесет години откако нацистите ликвидираат околу две третини на тогашната еврејска популација во Европа, во обид целосно да ги истребат, статистиките покажуваат загрижувачки пораст на антисемитските напади во Франција – од 311 во 2017 на 541 во 2018, што е пораст од 74 отсто.

„Антисемитизмот се шири како отров“, предупреди министерот за внатрешни работи Кристоф Кастањер.

Во продолжение погледнете како изгледаше посетата на Макрон: