Македонците се најголеми пушачи во регионот, но и цигарите во земјава се најевтини

Македонците се најголеми пушачи на цигари во регионот и во ТОП 10 во целиот свет. На врвот се и по бројот на испушени цигари дневно по пушач. Притоа Македонците пушат и најмногу најевтини цигари. Ова го покажало истражувањето на тинк-тенкот Аналитика во соработка со Универзитетот Илиноис од Чикаго во 2020-та. Притоа, речиси половина од возрасните луѓе или 48,4% користат тутун. Пушат 58% од возрасните мажи и 39% од жените. Опфатот на луѓе што пушат цигари е многу поголем од европскиот просек од 29%. Во Шведска на пример, 8,7% од возрасната популација се пушачи, а во Грција и Бугарија 27%. Од Аналитика велат дека пушењето е најзастапено кај луѓето од 45 до 54 години. Притоа, Македонците пушеле и најевтини цигари. Кутија во просек чини 1,7 евра. Просекот во регионот е нешто над две евра, а во Европа речиси 5 евра. Од Аналитика велат дека многу малку се прави за надминување на проблемот со пушењето. Без оглед на постојаното покачување на акцизите во последниве 10 години и двојното поскапување на цигарите, бројот на пушачи бил преголем. Сметаат дека јавните кампањи за штетноста од пушењето во медиумите, училиштата, болниците и работните места би можеле да ја подобрат состојбата.

„Штетните ефекти на тутунот треба да се воведат како тема во наставната образовна програма. Услугите за откажување во форма на консултации со медицински професионалци по телефон или лично треба да бидат широко достапни во училиштата, колеџите, ординациите на општите лекари и болниците. Да се врати примената за Законот за заштита од пушење во 2010 година, бидејќи кога беше воведена забрана за пушење во сите јавни затворени простории, значително негативно влијаело врз потрошувачката на цигари, односно истата се намалила“ – велат од Аналитика.

Како што посочија од Аналитика, додека светот ги затега забраните за пушење, во земјава цигарите чадат насекаде. Откако пред 5 години, се дозволи пушење и во затворените летни тераси на угостителските објекти, пушењето зема замав. Сепак, со укинување на одредбата што дефинира што  е тераса, односно простор отворен од најмалку три страни, ситуацијата стана неподнослива. Особено во зимските месеци, на кога истите тераси целосно затворени се пуши насекаде. Минатата недела, за само 5 дена, Пазарниот инспекторат од 200 извршени контроли, им пишал казни на една четвртина од обкјектите, односно 56.

Според Светската здравствена организација, пушењето е една од најголемите здравствени закани поради што годишно умираат 7 милиони жители. Пушењето во Македонија е втора причина за смрт од кардиоваскуларни болести од кои умираат 15 илјади луѓе годишно и главна причина за рак на белите дробови.

Тања Попова

Advertisements