Македонците меѓу најнесреќните во регионот

Македонија веќе извесно време се бори со предизвикот како да оствари поголем економски раст, но, Македонците, никако да излезат од нискиот животен стандард, што пак, директно влијае на тоа да го носат приматот како најнесреќен народ на Балканот, па и во регионот.

Најновиот индекс на Врлд хепинес рипорт ја позиционира Македонија на дури 84-то место во светот. Словенците, според извештајот, се најсреќни Балканци кои се позиционирани на 44-то место, потоа следуваат Србите на 70-то, по нив се жителите на Црна Гора на 73-то, Хрватите на 75-то, Босанците 78-мо, и Грците на 82-ро место.

Алфа ги праша граѓаните колку се среќни и исполнети. Голем дел од нив велат дека насмевката на нивните лица одамна ја нема. Причина – низата проблеми кои периодов биле наталожени. За среќа велат треба малку, но на Македонците им треба многу повеќе.

– Oдамна не сме среќни, треба да се направат многу работи, велат дел од граѓаните.

Помладите пак велат дека надлежните мора да активно поработат на проблемот и најдат начини како младите да останат дома, и притоа да бидат среќни, зашто, како што велат, сега само се бара можност како тие да ја напуштат земјава.

– Aко државата ништо не прави нема да има ни среќни луѓе, ни млади, сите ќе си заминат, се жалат дел од младите кои се во земјава.

На листата на најсреќни земји ширум светот се Финска која се искачува на првото место, а најлошо рангирани се Руанда спуштена на дури 152-то и Јемен на 151-то место.

Листата на најсреќните земји се прави врз основа на тоа колку се задоволни граѓаните на една земја. Инаку, големиот негативизам обично води и до лоша оценка за квалитетот на животот, кој барем кај нас, го засилува чувството на несреќа и ја спуштаат земјата позиционираната надолу во листата.

Борис Грујоски