Македонците губат министер за да добијат Албанците- Таравари влегува во Влада на местото на Алтернатива?!

Алијанса влегува, Алтернатива излегува. Неофицијално се подготвуваат промени во владината коалиција. Премиерот ќе го шутне сегашниот партнер и неговите три пратеници, за да ги добие осумте на Арбен Таравари.

Според информациите вкусно изгледа колачот кој ќе го добие Алијанса за Албанците. Ќе добијат четири министерски места, во правда, здравство, информатичко општество и министер без ресор за дијаспора, ќе добијат две заменик министерски места, но и атрактивни директорски. Пулените на Таравари ќе раководат со МЕПСО, ПИОМ, АД Железници, Управата за матични книги, Агенцијата за странски инвестиции, Инфективна клиника, како и Управата за заштита на културното наследство.

Градоначалникот на Гостивар ги побарал и директориските мста во Државниот санитарен и здравствен инспекторат и просветниот инспекторат, но засега на ова не се согласиле СДСМ и ДУИ. Иако и коалициониот партнер во власта, Павле Трајанов, кажа дека осум пратеници чекале да влезат во власта, од таму велат немало никакви разговори.

-Во моментов Владата функционира со мнозинство од 64 пратеници, тоа беше потврдено со изборот на новиот министер за локална самоуправа. Не сме имале разговори, а бидејќи премиерот предлага министри во Владата во однос на реконструкцијата на Владата. Така да се тоа што се пишува е во рамките на шпекулации, велат од Владата.

Арбен Таравари со сличен став како Владата, за Алфа вели дека станувало збор за шпекулации, сепак остава отворен простор за разговори.

-Шпекулација е. Се уште не водиме разговори. А ако започнеме тоа ќе биде транспарентно, пред членство и пред јавноста, вели Таравари за Алфа.

Ова е спротивно на она што го кажа пред неколку дена, по лидерската, кога според неговата реторика наговести дека разговори сепак имало.

-Па нонстоп може да биде тема на дискусија, меѓутоа денеска воопшто не зборувавме за тоа, зборувавме за европската иднина на Македонија, не зборувавме за ново мнозинство, изјави Таравари.

Доколку по евентуалниот влез на Алијанса во Владата, сите други министерски места останат нечепнати, значи дека албанскиот политички блок добива едно министерско место повеќе на сметка на македонскиот. Партијата на Таравари, од Алтернатива ќе го добие здравство, од ДУИ информатичко опшстество, а од рацете на македонскиот политички блок ќе замине правда.

Матеја Петровски

Advertisements

Поврзани вести