Македонско семејство со осум дечиња живее со 233 денари дневно, одбиени за социјален стан

Алфа во селото Црешнево, општина Македонски Брод, во познатиот регион Поречие, истражува зошто децата на самохраниот родител Велче Цветаноски – Благица, Драгана, Марко, Мартин, Кире, Викторија, Ирена и Александар, во 21 век живеат како во деветнаесетиот.

Велче не може да добие социјална помош затоа што е формално вработен. Работи за 7.000 илјади денари месечно како хигиеничар во основното училиште, каде што учат само неговите деца и плус уште едно од селото. Многудетното семејство на Велче живее во куќа стара повеќе од 100 години, тој нема имот на негово име, но сепак не може да добие социјален стан од државата.

Кога лани се делеле станови, дел од неговите документи што биле испратени до Министерството за труд и социјална политика, мистериозно исчезнале. Никогаш не добил официјално објаснување зошто не го добил станот. Одговорот дали се работи за партиска позадина, за корупција или за нешто трето, денеска, во подножјето на Даутица, на 850 метри надморска височина го бараше Горан Момироски.