Називот „Македонски вина“ ќе го употребуваат неколку држави од географскиот регион Македонија

Македонската Влада без некоја изградена стратегија за преговарање за заштита на трговските марки. Неизвесно е дали земјава ќе успее да ги заштити веќе утврдените трговски називи за комерцијална употреба. Денеска во Солун претставниците од МНР на двете земји договорија првата пленарна седница на мешовитата група да се случи во јуни. Македонија и Грција треба да најдат консензус околу употребата на термините „Made in Macedonia“, македонски, „Најдоброто од Македонија“, македонски рубин и слично, како и за имињата на компаниите што го содржат називот Македонија. Владата засега, тврди дека решение има само за виното, но називот „македонско вино“ ќе можат да го користат сите држави од географскиот регион Македонија.

Грчките бизнисмени во изминативе години, а особено по потпишувањето на Преспанскиот договор, им правеа проблеми на македонските компании при претставувањето на меѓународните саеми и манифестации. Последен пат, во март на саемот за туризам во Берлин и саемот за вино во Дизелдорф. Причините беа банални. Од тоа дека организацијата „Вина од Македонија“ била напишана со големи, а Северна Македонија со мали букви, па се до тоа што на македонскиот штанд пишувало „Macedonia Timeless“.

Во следните 3 години мешовитата комисија треба да ги „испегла“ различните ставови на производителите. Во земјава, од вкупно 14.556 трговски марки на фирми, 79 го содржат зборот Македонија, 77 англиската верзија на името Macedonia, а придавката македонски ја содржат 12 регистрирани трговски марки. Кратенката МК ја има во 93 , а кратенката МАК во 35 називи.

Тања Попова