„Македонското вино“ – трн во окото за Грците

Ознаките „македонско вино“, „македонска алва“, „македонски кашкавал“ редовно ги креваат на нозе грчките компании кои без пардон секој пат реагираат. Со години наназад, а особено по потпишувањето на Преспанскиот договор секое појавување на меѓународните саеми за македонските фирми е ноќна мора. Грците секогаш реагираат бидејќи нашите компании ги рекламираат производите како македонски. Последнното понижување во низата е она на светски познатиот Саем за вино „ПроВајн“ во Дизелдорф. Овојпат на Грците им пречела придавката „македонски вина“ на банерот на штандот, иако на истиот банер стои новото име на државата. Грчкиот конзулат во Дизелдорф веднаш побарал да се тргнат промотивните материјали, со објаснување дека терминот „Македонија“ е заштитена географска ознака на Грција, а не на нашата земја. Слични ситуации се случуваат со години наназад, а македонската страна редовно попушта пред притисоците.

Инаку во Преспанскиот договор за ова прашање меѓу другото пишува:

Преспански договор Чл. 1, ст.3ж

„Двете страни се согласуваат да им дадат поддршка и да ги охрабрат нивните деловни заедници да воспостават искрен, структуиран и во добра волја дијалог, во чии рамки ќе бараат и ќе постигнуваат заемно прифатливи решенија за прашањата кои произлегуваат од имињата за комерцијална намена, трговските марки и заштитни знаци и за сите релевантни прашања, на билатерално и на меѓународно ниво”.

Ѓорги Филипов , коодринатор на Меѓународната експертска група формирана по потпишувањето на Преспанскиот договор, вели дека најчесто проблем при претставување на саемите има здружението „Вина од Македонија“. Смета дека Грција напразно се повикува на заштитениот термин „Macedonia“, бидејќи никој нема ексклузивитет да го користи овој назив. Смета дека фирмите од двете држави во иднина ќе заштитуваат ознаки кои опфаќаат потесни географски подрајча, бидејќи регионот Македонија е преголем и територијално се протега низ повеќе земји.

„Во 2004та ние не сме имале ни дадено барање да почнеме разговори, а тие имаат регистрирано некакво име „Macedonia“ што го покажуваат по саеми. Тоа нема врска со географски назив и тоа име не би требало да се додели како ексклузивитет, најмалку на Грција, најмалку за производство на вино“ – вели Филипов.

Од стопанската комора велат дека сè уште има време да се „испеглаат„ разликите со јужниот сосед. Грција имала повеќе искуство, па Македонија требало да побара меѓународна поддршка за да си ги заштити интересите.

„Мислам дека ќе биде заштитен интересот на Македонија, иако јас и тогаш и сега тврдам дека грчката страна е многу појака и поискусна во тоа и треба да се побара меѓународна поддршка. Владата работи на тоа, ние сме во контакт со МНР. Мислам дека сето тоа ќе придонесе да не се најдеме во незавидна ситуација како порано“ – истакна Азески.

Домашните фирми имаат засега само 5 меѓународно регистрирани производи со географски ознаки, од нив само еден со називот македонски – тоа е ајварот. Меѓу заштитените географски подрачја фигурираат Дисан, Малешевски регион, велешки регион, гевгелиски и многу други.

Тања Попова