Македонски уметници со свои дела на изложбата „Сараевска зима“

Македонските уметници Славица Јанешлиева – Бачварска, Гоце Наневски и Игор Сековски, од 14-ти март, како дел од богатата програма на меѓународниот фестивал „Сараевска зима 2019-та”, во галеријата на „АЛУ Сараево“, ќе се претстават со заедничката изложба „Триплет”.

Меѓународниот фестивал „Сараевска зима”, е под покровителство на УНЕСКО е со исклучително богата и квалитетна програма од сите видови на уметности. Се одржува по 35-ти пат, од 7-ми февруари до 21-ви март 2019-та година. Оваа година на фестивалот учествуваат 1.500 уметници од 41 земја во светот под слоганот „Бучава и бес“.

Изложбата „Триплет“ е селектирана од организаторот на „Сараевска зима“ и презентира дел од рецентната продукција на овие три македонски современи автори со исклучителна и богата биографија.

Секој од авторите реферира на специфична тема од современото општество и живот (глобално и локално) на експлицитен визуелен јазик, добро познат на македонската ликовна публика, а е резултат на индивидуалните интереси, истражувања и изложбена активност.

Славица Јанешлиева – Бачварска ги изложува објектите „Имигрант, емигрант или можеби јас“ и „Споменик за крајот на 20-от и почетокот на 21-от век“, визуелизации со кои ги заматува границите на локалното и глобалното, давајќи им нови значења и интерпретации.

Гоце Наневски претставува дел од проектот Анатомија на векот од 2017-та година односно видеата „Судбина” и „Ние вампирите” како и проектот „Срамота е да нема змии овде” од 2015-та година. Делата реферираат на моралните, етичките, културните и егсистенционалните аномалии како наметнати референтни вредности во општеството.

Игор Сековски се претставува со делото „Quo vadis“ (2014-та), кое се однесува на прашања поврзани со транзициската неизвесност и егзистенција и општото чувство на изгубеност и вртење во круг, притисокот за остварување заокружена и прецизна артикулација и неможноста за комуникација.

Воедно, изложбата „Триплет“ е можност за меѓународно присуство и видливост на современото македонско ликовно творештво.