Македонски работници ангажирани на отворено и во време на топлотен бран
Работници ангажирани покрај градежните машини, со алати во раце, без сенки во околината и покрај вжештен асфалт. Таква беше сликата што ја забележавме со нашата камера денеска кај крстосницата во близина на поликлиниката „Пролет“ во Скопје, во период од денот кога температурите се движеа околу 40-от степен.
Дел од македонските работници, што се ангажирани на отворено, работеа во екот на топлотниот бран, иако од владата вчера беа упатени препораки и мерки да се избегне работа на локации што се директно изложени на сонце.
Остатокот од граѓаните низ главниот град, пак, се снаоѓаа како што знаат и умеат да се разладат. Дел од нив ги користеа јавните чешми низ центарот, барем тие што сè уште работат, за да се освежат. Други, пак, се движеа со чадори или со шапки за заштита од силното УВ зрачење.
Триесетина волонтери од Црвениот крст беа распоредени низ градските улици и на граѓаните им делеа шишиња вода, како и совети за избегнување на подолга изложеност на сонце во ек на топлотниот бран. Од Брзата помош, пак, соопштија дека имале зголемен број повици за интервенции поврзани со зголемените температури.Според прогнозите од УХМР, во следните три дена високите дневни температури ќе се искачат и до 42 степена.