Македонски медиуми ширеле пропаганда во грчка корист со пари од тајни фондови на грчкото МНР

Македонски медиуми била финансирани од тајните фондови на грчкото МНР за да информираат во корист на грчките интереси! Грчкиот информативен портал Ајефемерида (iefimerida) тврди дека барем еден милион евра од тајните фондови биле искористени за финансирање на медиуми во Македонија и Албанија како и за поддршка на православната црква. Информациите на Ајефемерида се од 10 октомври, кога грчкиот парламент последен пат бил известен за тајните фондови, односно една недела пред големата кавга на владината седница која заврши со оставка на шефот на дипломатијата Никос Коѕиас.

– Во запечатениот документ што во Парламентот го донесе специјален службеник од Министерството за надворешни работи имаше три кодови, додека пак вкупниот износ ставен на располагање изнесуваше околу 1.000.000 евра. Првиот код се однесуваше на парите распределени на медиуми во Албанија. Вториот код се однесуваше на финансирање на медиуми во поранешната југословенска Република Македонија. Третиот код се однесуваше на средства што беа распределени за поддршка на православни цркви и главно на православието, објави грчкиот портал.

Доцна синоќа, Обвинителството во Атина наредило итна истрага за објавување доверливи информации. На прашањата на потпретседателите на Парламентот зошто биле финансирани медиуми во Македонија и Албанија, според Ајефимерида било објаснето дека тоа е „за да се прават позитивни натписи за Грција и да се лобира врз тамошните новинари или раководствата на медиумите во корист на грчките интереси“.

Реагираше кабинетот на грчкиот премиер Ципрас. Оттаму велат дека „невидената бедност на порталот да објавува наводни информации за распределувањето на тајните фондови на Министерството за надворешни работи директно ги задира националните интереси“. Обвинија дека зад целата приказна стои опозициската Нова демократија и му порачаа на опозицискиот лидер Кирјакос Мицотакис, доколку сака да се информира за тајните фондови, да побара итна средба со премиерот. Од грчкиот парламент пак соопштија дека протекувањето на информации за наводни доверливи трошоци предизвикува огорченост, но во исто време покренува и сериозни прашања за целта и стремежите на оние политичари и електронските медиуми кои ги даваат и ги објавуваат овие „вести“.

Аферата всушност стартуваше со кавгата на сега веќе поранешниот шеф на дипломатијата Коѕиас и министерот за одбрана Панос Каменос, кој на седница на владата барал одговори како се потрошени 45 милиони евра од тајните фондови на грчкото МНР. Коѕиас избегнал конкретен одговор, а потоа двајцата министри продолжиле со караницата и во врска со Договорот од Преспа. Откако увидел дека премиерот Ципрас не застанува на негова страна, Коѕиас си поднесе оставка со што предизвика криза на владиниот кабинет.

Драган Милосављевиќ