„Македонски Железници Транспорт“ прв на тест на ЕВН, компанијата немаше струја 7 часа

Повеќе од седум часа „Македонски Железници Транспорт“ беше без струја. Причината е огромниот долг за електрична енергија од шест и пол милиони евра. Возовите редовно сообраќаа, но без напојување остана депото во Лисиче, Скопје, како и објектите во Велес. ЕВН повторно ја вклучи струјата, откако Владата даде гаранции дека заостанатите сметки на сите јавни институции ќе бидат платени. Железници Транспорт имаше рок од неколку недели да го подмири долгот, но не го стори тоа. Сега ЕВН ќе „тренира“ трпение“, а презадолжените државни институции ќе чекаат на парите од буџетот. Од ЕВН Хоум реагираат – без разлика што Железници пак имале струја, рокот за снабдување бил истечен.

„МЖ Транспорт во моментот нема снабдувач за електрична енергија и директно повлекува електрична енергија од енергетскиот систем, а со тоа предизвикува дисбаланс во системот на МЕПСО“ – соопштуваат од ЕВН Хоум.

Попладнево струја немаше ниту ГТЦ. Од Електродистрибуција соопштуваат дека трговскиот центар бил исклучен поради доспеан долг, меѓутоа повторно го приклучиле откако бил постигнат договор дека долгот ќе биде подмирен.

Сепак, вицепремиерот Битиќи изненаден од денешниот потег на ЕВН. Според него, дадениот збор од владата требало да биде доволен за струјата да не биде исклучена.

Следен на ред за исклучување беше и Клиничкиот Центар „Мајка Тереза“, кој има најголем долг од дури 7 милиони евра. Заостанатите сметки ги вклучуваат и долговите на ГОБ „8-ми Септември“. Премиерот е дециден дека по дадените гаранции, Клинички нема да се исклучи. Владата веќе изврши прераспределба на пари во буџетот за покривање на заостанатите сметки за струја на сите државни институции, но овие пари треба да го поминат собранискиот филтер. Некои од несовесните директори кои не плаќале за струја добиле откази, но Ковачевски не потенцираше кои се тие.

До 22-ри декември истекува и рокот до кој сметките за струја треба да ги платат и судовите, затворите, студентските домови, факултетите. Државните претпријатија должат 40 милиони евра. Некои од овие компании со години „се дават“ во долгови и додека граѓаните мака мачат со извршители ако не му платат на ЕВН, тие нон стоп чекаат на буџетска инјекција, односно на парите од населението и бизнисот за да ги покријат напластените долгови и да го прикријат лошото работење.

Тања Попова

Advertisements