Македонските ученици незаинтересирани за изучување на занаетите, преферираат работа во администрација

             Интересот кај македонските ученици за упис во средните стручни училишта за да изучуваат некаков занает, од година во година е се’ послаб и послаб. Новите млади генерации, освен што бројчано се намалуваат, тие преферираат да се образуваат за работа во администрација, што пак е погубно за едно еконoмски здраво општество, алармираат дел од членките на Занаетчиската комора на Македонија.

  „За жал, тоа е болната точка. Интересот е се помал и помал. Каде е проблемот, знаеме сите. Проблемот лежи во целокупната општествена сфера. Проблемот е во самиот систем во општеството. Премногу влезе политиката и секој сака да се најде единствено во оној сегмент на државно вработување“, – вели Крешимир Здравески, долгогодишен фризер-мајстор и професор на првата Академија за фризери.

     Од занаетчиството во Македонија, дури и во вакви тешки економски услови може солидно да се заработува, тврди Здарвески. Но, во споредба со земјите од ЕУ, а кон која сите ние стремиме, занаетите кај нас не биле на цена, што според него е резултат на сериозните пропусти во македонскиот образовен систем.

   „Во таа ЕУ занаетите се повеќе и повеќе напредуваат, a кај нас умираат. Некако го губиме тој чекор, значи лебдиме буквално на тој пат кон ЕУ. Целокупниот живот зависи од занаетчиството. Ако не постои занаетчиството, нема да постои ни човештвото. Ние како Занаетчиска комора на републичко ниво нон – стоп правиме комуникации и линкови со секоја влада, правиме и нудиме безброј проекти, безброј едукации, безброј советувања, меѓутоа едноставно се нема слух“, – објаснува Здравески.

   „Ние занаетчиите како: занаетчии, секции, занаетчиски комори, регионални, републички, имаме решенија, но без таа комуникација и взаемно ефективно делување со власта, сами не можеме да направиме ништо“, децеиден е Здравески.

   Инаку, Прилеп, традиционално е еден од градовите со најмногу занаети, а го има и најстарото средно стручно училиште во кое може да се изучуваат повеќе занаети. Меѓутоа, во последниве години, освен загрижувачки спласнатиот интерес, повеќе нема ни доволно ученици за да се формираат паралелки.

 Каролина Дурло

Поврзани вести