Македонските и бугарските историчари бараат заеднички личности и настани од минатото

Што се случува зад затворените врати од средбата на мешовитата македонско-бугарска комисија за ревизија на историјата? Првиот човек од македонска страна, Драги Ѓорѓиев, за Алфа вели дека на средбите ќе се разговара за евентуално чествување на заеднички историски настани и личности, но не конкретизира за кои станува збор. Предлози за оваа тема засега нема ни од бугарска ни од македонска страна.

Заедничко чествување на празници, изгледа и не е проблем за македонската влада, судејќи по изјавата на министерот за надворешни работи Никола Димитров кој вели дека нема ништо спорно во тоа Илинденското Востание да биде заеднички празник.

Првиот човек на Бугарската Комисија, Ангел Димитров пред неколку месеци истакна  дека македонските учебници се неверојатно погрешни од нивна гледна точка. Нашите експерти пак за ваквите ставови изнесени од бугарските колеги велат дека секоја земја си има свои историски наративи, па токму тоа и била и целта на оваа комисија – да разговараат и да најдат решение за оние спорни точки кои ги имаат Македонија и Бугарија.

Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, се потпиша на први август годинава, и во членот 8 од договорот се бара заемна согласност заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности.

Мери Ѓоргиевска