Македонските државјани со авион на „Ер Србија“ се вратија од Израел

Македонските државјани со авион на „Ер Србија“ се вратија од Израел

Пристигнаа 90мина македонски граѓани, евакуирани од воените жаришта во Израел и Палестина. Велат, решиле да се вратат веднаш кога за прв пат ги слушнале бомбите и пукотниците и порачуваат оти државата не направила ништо на време, токму за оние кои се нашле помеѓу завојуваните страни

  • „Се случи нешто многу лошо. Ние бевме во Аштод, почна и таму да се пука. Пред некој ден беа фрлени 10 гранати. Лошо беше. Многу лошо…“ – Истакна Марица Јаневска.
  • Верувајте, не е лесно. Јас првично бев во делот каде што е по безбедно. Но првенствено, се најдов во жариштето, во Газа, па си заминавме. Голем проблем е зошто не се презема ништо за оние кои се најдоа во жариштата“ – Порача евакуиран граѓанин од Куманово

Летот во организација на српската државна авио компанија, Ер Србија, со нив доведе уште десетици Срби, Црногорци и Албанци. Порачаа дека се среќни што после 6 дена, конечно се вратија на балканот бидејќи таму немало веќе услови за да останат. Благодарни се на заедничката соработка помеѓу државите.

  • „Не е ова прв пат и претходно се случувале слични работи. Но сега се вмеша Хесболах и повеќе терористички групи. Стана опасно да се излезе на улица. Не беа во прашање само ракетните напади туку и луѓето, арапската популација која живее меѓу нас“ – Истакна Стефан Јованович.

Црногорските граѓани беа пречекани од нивната амбасадорка во Скопје, која пак порача дека скоро сите дипломати се соочуваат со логистички пекол за да ги извлечат своите.

  • „Многу е тешко. И фининасиски и безбедносно. Постојат ризици и нашите државјани треба да бидат свесни за тоа нашите влади прават се што можат и нашите дипломатско-конзуларни претставништва, и вашите, македонска, црногорска, сите ние даваме се од себе.“ – Изјави Амбасадорка на Црна Гора во Македонија, Марија Петрович.

Покрај роднините, дел од извлечените беа пречекани и од неколку автобуси со кои ќе бидат пренесени до државите и градовите од каде што доаѓаат. Во Газа засега остануваат заглавени двајца наши државјани, а од министерство за надворешни работи се уште не знаат како ќе ги извлечат. Во меѓувреме, во Израел се уште има десетици други македонци, кои се уште не решиле да се вратат или да побараат помош од државата.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста