Македонските граѓани во социјален ризик, иако законски можат не добиваат бесплатна правна помош

Добар дел од македонските граѓани кои припаѓаат на маргинализираните групи и на кои законски им следува бесплатна секундарна државна правна помош, на оваа услуга чекаат и по неколку месеци, иако неретко се работи за нивни итни животни проблеми. Ова се должи, најмногу на тоа што системот на вработувања во подрачните единици на Министерството за правда е реализиран неплански, стихијно и без визија, смета професорката Ивона Шушак – Лозановска.

    „Општини кои што опслужуваат приближно ист број на резидентно населние, имаат голема дискрепанца по бројот на вработени по подрачни одделенија. На пример, ПО Прилеп, Демир Хисар и Крушево кое што опслужува 80-тина илјади жители има вкупно две вработени лица од кои што само едно лице е одговорно да донесува одлуки по поднесени барања за секундарна правна помош, за разлика од ПО во Тетово, кое што исто така опслужува 80-тина илјади граѓани, а има вкупно 21 вработено лице“, – вели проф. д-р Ивона Шушак- Лозановска, доцент на Правниот факултет при УКЛО Битола.

   Заради овие причини, иако законски предвидениот рок за одговор по поднесено барање е 15 дена, имало ситуации во кои се чека дури и по 90 дена. И тоа само за доделување на бесплатен адвокат на граѓанинот. Олку долгото чекање пак, создава друг проблем, односно одолговлекување на правдата што во превод би значело и нејзино непостигнување, што е уште пострашно, велат од Здружението „Станица П.Е.Т.“.

  „Во одредени случаи се работи за тужби за издршка на дете, во одредени случаи се работи за права од работен однос, за узурпација на земјиште или неможност да се пристапи до сопствениот имот. Тоа се животни прашања за кои што граѓаните немаат друг начин да ги решат во судска или управна постапка, освен да побараат помош од државата, да им се додели бесплатен адвокат. И тука се соочуваме со потешкотија каде што чекаат со месеци за одобрување на нивните барања“, – објаснува Весна Шапкоски, извршна директорка на Здружението „Станица П.Е.Т.“

  Со цел надминување на овие проблеми, се апелира за итно пополнување на слободните работни места во ПО на Министерството за правда со дипломирани правници со положен правосуден испит како навремено би се решавале ваквите барања на маргинализираните групи граѓани.

Каролина Дурло

Advertisements