Македонската рурална жена и во 21 век е дискриминирана, потребни се итни измени на актуеланата законска регулатива

Македонската рурална жена во 21-от век, според постојниот Закон за здравствено осигурување, нема право на породилно отсуство, а тоа е дискриминација која долгорочно, крајно негативно се рефлектира на нејзината здравствена и економско-социјална состојба. Државата мора итно и веднаш да интервенира со измена на законската регулатива, бидејќи состојбата е повеќе од алармантна, особено за една земја – аспирантка за ЕУ, беше речено на денешната, четврта по ред Конференција за одржлив развој во обезбедување на родовата еднаквост, пристап до права и можности за жените од руралните средини.

Според нашите проценки станува збор за отприлика на некои 1074 жени кои што би го стекнале, имаат потреба како регистрирани индивидуални земјоделки кои што ќе го стекнат правото на платено породилно отсуство..Нема ова да претставува големо оптоварување на Буџетот, бидејќи секако, сите овие илјада жени нема да останат трудни во една година..што од прилика значи за Буџетот 58 милиони денари максимумот, или 10 милиони денари минимумот“ – истакна  Драгана Дрндаревска од Мрежа за заштита од дискриминација.

Освен овде, итно се потребни и измени на Законот за работни односи, бидејќи и тука се евидентирани огромни пропусти кога станува збор за правата на жените – земјоделки. Барањата за измените на законските регулативи биле испратени уште пред две години, но досега резултатите се речиси никакви.

„Резултатите од пописот ни се поразувачки. Веќе се соочуваме со депопулација на нашите села, условите и квалитетот на животот во руралните средини стануваат се понеповолни…Ситуацијата ни е алармантна во моментов и треба да креираме кохерентни програми кои што навистина ќе одговорат на реалните потреби на жените во руралните средини…И потребно е нешто што ќе се случи сега и веднаш. Постојат политики, и сето тоа добро изгледа во теорија, меѓутоа бавна е имплементацијата на самите политики кои што постојат.“, – рече Марина Тошеска од ЛАГ „Агро Лидер“.

„Жените најмногу тешкотии имаат, со земјоделие, со домашни работи по селата, на жените никогаш не им е признато. Не е лесно на женското, и на поле да одиш, и да работиш, тешко е…Јас не се откажувам, да најдам работа, ќе работам. И грозје берам, и тутун берам, и да копам знам. Тешкото го можам, а кога тешкото го знам и лесното го можам“, рече Атиџе Муратовска.

  Денешната Конференција се одржа по повод 15-ти октомври, Меѓунартодниот ден на жените во руралните средини.

Каролина Дурло

Advertisements