Македонската економија последна во регионот

Македонската економија последна во регионот на Западен Балкан. Според последните проекции на Светска банка, земјава ќе оствари најнизок економски раст годинава од само два и пол проценти, што е помалку од Босна и Херцеговина со проекции за раст од 3.2%, од Србија со 3 и пол отсто, Црна Гора со 3.8%, како и Албанија и Косово кои ќе достигнат раст од 4%.

Најавите за се поизвесните евроатлантски интеграции на земјава не ги предомислија експертите од Светска Банка. Па така, според нивните проекции, земјава ќе го достигне она што го планираше за годинава – раст од 3.2% за дури две години. Од Светска Банка алармираат дека Владата треба што побрзо да ги консолидира јавните финансии и да го намали јавниот долг кој до крајот на декември ќе достигне 50% од БДП. Дополнително, бараат Владата прво да прави детални анализи, а дури потоа да започнува капитални проекти, ако сака да го достигне проектираниот раст.

И додека Владата се уште е оптимист дека годинава ќе заврши со економски раст од 3.2%, а премиерот дури најавуваше дека е можно зголемување и до 4%, аналитичарите се малку попретпазливи. Институтот за економски истражувања Finance Think уште во јуни ја корегираше првичната проекција за економски раст од 3.1 на 2.2%.

„Ризиците врз растот остануваат на сцена: дефокусот од економските прашања, неизвесноста во фискалната политика, подреализацијата на капиталните инвестиции и неизвесноста околу европските интеграции. На позитивната страна, сепак, поволните движења во европската економија може да ја повлечат македонската економија и да ги компензираат претходните опасности“ – велат од Finance Think.

И покрај слабата реализација на капиталните инвестиции, Владата продолжува редовно да се задолжува на домашниот пазар. Последен пат, пред 4 дена, се задолжи за 45 милиони евра.

Дополнително, Владата, усвои и нова среднорочна стратегија, со која самата на себе, си овозможи, во следните 3 години, да го зголеми јавниот долг до ниво од 55% од БДП.

Тања Попова