Македонија се усогласува со директивата за промена на времето, одлуката ќе ја донесе Владата

Македонија треба набрзо да се усогласи со европската директива за укинување на зимското и летното сметање на времето. Откако Европа донесе одлука да се укине ваквата пракса, од македонското министерство за економија соопштуваат дека предлогот на Бирото за метрологија набрзо ќе биде доставен до Владата која треба да ја донесе одлуката.

Европската комисија одлучи последното поместување на стрелките да се случи во октомври следната година. Секоја членка на ЕУ до април 2019 година треба да одлучи дали ќе остане во зимско или летно сметање на времето. Последно задолжително поместување на времето на летно сметање ќе биде на 31 март 2019 година, а членките кои сакаат да се вратат на зимското сметање на времето би можело тоа да го направат уште еднаш на 27 октомври 2019 година.

Како причина за ваквиот потег Европа ги посочи негативните последици по човековото здравје, земјоделството и безбедноста во сообраќајот. За укинување на летното време веќе се изјасниле Литванија, Естонија, Летонија и Финска.

Инаку, на 29 октомври во Македонија ќе почне зимското сметање на времето, кое беше воведено во 1996 година.