Македонија се грижи за Бугарите овде, ги игнорира Македонците таму

Владата се откажа од грижата за правата на сонародниците во Бугарија, но сесрдно се грижи за зголемување на привилегиите за Бугарите во Македонија. По прославата на која им се обрати премиерот Заев лично, од Бугарскиот културен клуб истакнуваат дека за прв пат се официјализирани и добиваат третман каков што заслужуваат. Заев во својот говор истакна дека со Договорот за пријателство со Бугарија било овозможено не само силно поврзување и пријателство меѓу двете земји, туку се отворил простор и за создавање на реални услови за искажување на културниот идентитет и афирмација на културните вредности и културните традиции на Бугарите во земјава.

– Здружението на граѓани Бугарски културен клуб во нашата земја има значајно место. Тоа е јасно определено и во мисијата на здружението кое ја има за цел неопходноста од зближување и меѓукултурна толеранција на културите на соседните држави – Република Бугарија и Република Северна Македонија. Заедничка е и взаемната заложба за создавање реални услови за искажување на културниот идентитет и реализација на индивидуалните права во контекст на мултикултурното општество, како и афирмација на културните вредности и културните традиции на граѓаните на Северна Македонија кои се определуваат како Бугари, истакна премиерот Заев.

Претседателот на Управниот одбор на здружението, Лазар Младенов смета дека работите се движат во вистинска насока и дека она што им биле ветено од актуелната власт полека се остварува. Иако не сакаше да даде изјава за Алфа, тој сепак порача дека Бугарите, како заедница со над стотина илјади бугарски државјанства и тоа како се важен фактор во земјава и изрази очекување дека на претстојниот попис ќе се покаже дека бугарските државјанства не се резултат на економски интереси, туку на реално бугарско национално чувство.

Од друга страна, како што е познато, со Договорот за пријателство, Македонија изрично се откажа од заштитата на Македонците во Бугарија. Во членот 11 од овој договор стои дека двете страни имаат право да ги заштитуваат првата и интересите на своите државјани во другата земја, но Македонија потврдува дека ништо во нејзиниот устав не може да биде толкувано дека претставува основа за мешање во внатрешните работи на Бугарија, а со цел заштита на статусот и правата на Македонците во таа земја доколку не се македонски државјани.

Драган Милосављевиќ