Македонија почна да ја руши бугарската Влада: Вонредно обраќање на Слави Трифонов- ја напушта коалицијата на Петков, една од причините спорот со Македонија

Поради Македонија на стаклени нозе Владата во Бугарија. Кирил Петков веќе го нема мнозинството. Претседателот на Има Таков Народ, Слави Трифонов, преку вонредно обраќање соопшти дека неговите министри ја напуштаат Владата, а грб вртат и 12- пратеници, со што Кирил Петков повеќе го нема владејачкото мнозинтство во Парламентот. Трифонов вели дека ваквиот потег е и поради економскиот колапс на државата. А објаснувајќи го проблемот со Македонија, појаснува дека премиерот водел различна надворешна политика за разлика од сите други.

-Причинате поради кои оваа коалиција не функционира, поради кои ние немаме место во неа се две. Македонија и фактот дека во државата веќе нема пари. По прашањето на Северна Македонија премиерот во друга надворешна политика, различна од политиката на Министерството за надворешни работи, различна од политиката на Парламентот и различна од политиката декларирана на консултативниот совет кај претседателот, изјави Трифонов во вонредното обраќање.

Премиерот Кирил Петков пак порачува дека ќе се обиде да состави малцинска Влада, односно се надева дека и пратеници од партијата на Слави Трифонов и останати независни, ќе давале поддршка за важните реформи кои претстојат пред Бугарија.

-Се надеваме дека луѓето кои што се во Парламентот, секој еден пратеник има сопствен начин на размислување, можат да бидат независни. На нас не ни требаат сите, на оваа коалиција и требаат уште 12 пратеници да ја поддржат. И само да кажам нашите коалициони партнери БСП и Демократска Бугарија, веќе изјавија полна поддршка за реформите, изјави Петков.

Премиерот на Макеоднија Димитар Ковачевски, не сакаше да ја коментира одлуката на Слави Трифонов, но кажа дека македонската власт не го користела спорот со Бугарија кога внатрешните работи биле во прашање, што не било случај во Софија.

-Прашањето кое што ми го поставивте треба да биде поставено на претставници на бугарската страна, односно на бугарската Влада, за композицијата на бугарската Влада, бидејќи тоа е внатрешно политичко прашање во Бугарија, а јас како што кажав ние сме држава која што и своите меѓународни односи и своите внатрешни односи ги има изградено на највисоко врвно европско ниво, изјави Ковачевски.

Со ваквиот потег на Слави Трифонов се помали стануваат и така малите шанси Македонија да добие датум за старт на преговори со Европската Унија. Покрај тоа што ја нема поддршката во бугарскиот Парламент за ова прашање, сега останува отворено дали Петков воопшто ја има поддршка за да му опстои Владата.

Матеја Петровски

Advertisements