Македонија оди кон избори, Заев не ги прифаќа условите на ВМРО-ДПМНЕ

СДСМ нема да прифати ниту едно од барањата на опозицијата кои им беа соопштени по вчерашниот Извршен комитет на ВМРО – ДПМНЕ. Според премиерот Зоран Заев за СДСМ било апсолутно неприфатливо да се формира техничка влада со мандат од 100 дена по терк на договорот од Пржино. Нема да се менува јавниот обвинител, ниту пак ќе се формира анкетна комисија во Законодавниот дом која би ги разгледувала сите неправилности направени на минатонеделниот референдум. Заев дециден, немал за што да разговара со лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, но признава дека лично ќе лобирал кај пратениците од опозицијата да го поддржат Договорот со Грција.

Изјавата на премиерот доаѓа по вчерашните барања на ВМРО – ДПМНЕ кои произлегоа по состанокот на Извршниот комитет, каде членовите ги потврдија предлозите на лидерот Мицкоски. Тие од владата бараат формирање на анкетна комисија во Собранието со мандат да ги истражува сите нерегуларности кои се случија на денот на референдумот, а бараат и санкции за сите кои го прекршиле законот. Опозицијата повика да се разреши јавниот обвинител и да се избере нов од редовите на опозицијата. Во однос на предвремените парламентарни избори, ВМРО ДПМНЕ ќе ги прифати само под услов да се формира техничка влада според пржинскиот модел.

Власта си даде фора од една недела да ги убеди пратениците да гласаат за Договорот од Нивици. Рокот да се обезбеди двотретинско мнозинство во Парламентот, според Заев, ќе биде до 10 Октомври – ако не, по овој датум власта ќе ги соопштела следните чекори на делување.

По вчерашните состаноци на партиските тела на двете партии беше извесно дека Македонија се подготвува за предвремени парламентарно избори, особено по изјавите дека кај двата табори почнуваат подготовките за формирање на Републичките и градски изборни штабови.

Биљана Божиновска