Македонија нема план како да ја преброди тешката зима

Додека другите држави на големо се подготвуваат, Македонија без конкретен план како ќе се преброди тешката зима. Откако цел месец економските министри ја избегнуваа јавноста, денеска не знаеја да кажат ниту што ќе содржи  новиот антикризен пакет мерки од 76 милиони евра, ниту како ќе им се помогне на фирмите кои плаќаат неколкукратно поскапа струја. Единствено ветија дека на трговците кои намерно ги кријат дрвата и пелетите за огрев во магацините за да ги продаваат поскапо, ќе им прателе инспекции. Нема ниту тендер за избор на нов оператор со парно греењето во Скопје, откако му се одзедоа лиценците на БЕГ. За мерки за замрзнување или намалување на цени на основни прехранбени производи не станува ни збор. Владата не била производител за да носи такви мерки – порача Вицепремиерот Битиќи.

„Никогаш Владата не детерминира цени на прехранбените производи, за да ги намалува истите, а и Владата не е производител на прехранбените производи за да истите се намалат. Така да не можам да одговорам дали некоја од мерките ќе биде во оваа насока“ – вели Фатмир Битиќи – Вицепремиер за економски прашања.

Владата уште не знае ниту по која цена ќе се задолжи за да го покрие буџетскиот дефицит. Министерот за финансии сè уште не кажува кога ќе се излезе на финансиските пазари на кои цените на парите од ден на ден се повисоки. Ниту има договор со ММФ за повлекување на сума најмногу до 900 милиони евра, ниту е издадена Еврообврзница. Бесими уверува дека задолжувањето ќе било поевтино од моменталните камати за еврообврзниците, но не напомена зошто толку се чекало досега.

„Да продолжуваме со ММФ. Имаме на финансискиот пазар план, кадешто би се задолжиле со кредити, односно финансиски инструменти кои ќе бидат под она што е моментално на пазарот, што е 7,5% , 8%, значи еврообврзницата која лани беше 1,5% “ – рече Фатмир Бесими – министер за финансии.

Вицепремиерот Битиќи е лут што граѓаните и фирмите не го послушале кога побарал да се штеди. Вели дека јавните институции во наредниот период ќе добиеле насоки како да штедат струја, но ништо нема да биде задолжително, туку исклучиво на доброволна основа. И додека Владата тактизира, другите држави на големо преземаат мерки за полесно да ја пребродат зимата. Во Европската Унија ниту една зграда или деловен простор  нема да смее да се загрева на повеќе од 19 степени, а климите ќе ладат на најмалку 25 степени. Фабриките и граѓаните имаат насоки да ја сведат потрошувачката на гас на минимум, додека државата ги полни складиштата на максимум.Се промовира работа од дома и поттикнување на користењето на јавен транспорт. Кризниот план за најлошото сценарио доаѓа по најавите за целосен прекин на руски гас кон ЕУ.

Тања Попова

Поврзани вести