Македонија на дното во Европа според висината на просечната нето плата

Македонија повторно се најде на дното во Европа според висината на просечната нето плата. И покрај тоа што просечните примања на Македонците се зголемија на 25.784 денари или 419 евра месечно, земјава се најде на 5-то место во Европа, но според најниските плати. Зад нас се само Албанија со 347 евра, Белорусија со 406 евра, Молдавија со 364 евра и Украина каде што платата достигнува едвај 310 евра месечно.

Растот на просечната плата е резултат пред се на зголемениот минималец кој достигна 12 илјади денари. Но токму овде, според бизнисмените, е и најголемиот проблем – велат државата не може со административни мерки да влијае на примањата.

Ниските плати се резултат и на ниската продуктивност, велат бизнисмените според кои Македонија е на европското дно и во овој сегмент,

Фирмите, особено оние од текстилниот сектор, со години бараат помош за да можат да ја обноват опремата, но тоа бавно се реализира. Како резултат на тоа бизнисите ја губат конкурентноста на странските пазари, а најавениот раст на минималната плата уште еднаш ќе удри врз секторот.

Според висината на платите, земјава е последна во регионот. Пред нас се, Србија со просек од 443 евра месечно, Босна и Херцеговина со 463 евра, Црна Гора со 513 евра, Хрватска каде што просекот е 844 евра, па се до Словенија каде нето платата месечно изнесува 1.092 евра.

И покрај тоа што, и стапката на невработеност во земјава падна на 19.4%, тоа е значително повеќе од просекот во Европската Унија од 7.8 отсто. Во рамки на ЕУ, невработеноста на стартот на годинава била најмала во Чешка од само 2%, а најголема во Грција од 18 и пол проценти.

Тања Попова