Македонија најголем увозник на струја, Албанија лидер во користење на енергија од обновливи извори

Долгогодишната незаинтересираност за инвестиции во енергетски капацитети и се удри од глава на власта во време на криза, а најдебелиот крај ќе го извлечат граѓаните и стопанството преку високите сметки за струја. Термоелектрани постари од 40 години, големи хидроцентрали постари од половина век, како и неколку понови хидроцентрали и 8 години стар ветерен парк – ова отприлика се енергетските ресурси со кои располага земјава. Ниту со огромни соларни електрани во сончевата Македонија, ниту со неколку гасни централи може да се пофали земјава. Производството на ЕСМ  е преполовено во изминатава деценија. Честите дефекти, малиот ископ и слабиот квалитет на јагленот се само некои од причините. Затоа, Македонија и убедливо е најзависна од увоз на струја, бидејќи не може да произведе, па купува од странство дури третина од она што го троши.

Македонската влада последниве неколку недели е во мисија час поскоро да набави евтина струја за индустријата. Експертите негодуваат бидејќи сметаат дека ваквиот потег доаѓа задоцнето, откако сите други држави кои зависат од увоз си резервираа навреме количини по пониски цени од пазарните.

„Енергетската состојба подолго време е на лошо ниво кое се должи на непланско работење и немање стратегија, се мисли на долгорочна стратегија. Иако годинава и лани, Македонија има најмало производство и веќе една година се зборува за енормни флуктуации во цените, скоро сме октомври, а се уште не ни е решено енергетското прашање за претстојната зима. Убедена сум дека можевме уште пролетта да ги набавиме количините кои недостигаат на „forward“ пазарот на некоја од ликвидните берзи кога цените беа многу пониски од сегашните. Сега сме без енергенси и прашање е дали можеме воопшто да ги набавиме сите потребни количини“ – вели Сања Божиновска, енергетски аналитичар.

Засега, нема договор со Турција и Бугарија за увоз на струја. Понудените цени за бизнисот не се доволно ниски, односно се близу до пазарните. Вицепремиерот Битиќи им порача дека во ваква жестока борба за струја, секоја цена пониска од берзанската треба да се смета за добра понуда.

За разлика од нас, соседите Србија, Албанија и Црна Гора се речиси на нула, односно произведуваат отприлика колку што трошат.

Она што се произведува во Македонија, пак, е исклучиво од јаглен кој ја загадува околината. Албанија и убедливо е лидер во производство на струја од обновливи извори – речиси целото производство и е од хидроцентралите. Тоа колку е добро , толку е и лошо, бидејќи кога акумулациите се полни струја има за извоз, а во сушните години, енергија треба да се увезува.

Србија е меѓу земјите кои можат речиси целосно да си ги задоволат потребите за струја. И таа најмногу се потпира на производство од термоцентралите дури 60%. Една третина од електричната енергија доаѓа од хидроцентралите, а само 3% од ветерниците. Двете хидроцентрали на реката Дунав произведуваат колку сите капацитети во Македонија заедно.

Црна Гора пак, лани успеала не само да ги задоволи сопствените потреби на струја, туку и да извезе. Земјата е лидер во регионот по добивање најмногу струја од ветер – 9% од вкупната потрошувачка. Дури две третини од електричната енергија доаѓа од обновливи извори.

Босна и Херцеговина, пак, може да си дозволи да ја извезува струјата. Лани производството ја надминало потрошувачката за дури 5 илјади гигаватчасови струја. Половина од струјата доаѓа од термоцентралите на јаглен. Статистиката покажува дека и во соседно Косово над 90% од струјата се произведува од јаглен.

Она што загрижува е дека државите од регионот не го користат потенцијалот на сонцето доволно и покрај тоа што се вбројуваат меѓу европските држави со најмногу сончеви денови годишно, производството на струја од сонце е незначително.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста