Македонија меѓу „проблематичните“ земји според Индексот за медиумска слобода

Македонија е на 57-мо место според Индексот на слобода на медиумите според Репортери без граници, што е 33 позиции подобро од лани.

Сепак, во извештајот се наведува дека „транспарентноста на институциите е прилично слаба, а поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат подложени на притисок од страна на властите, политичарите и бизнисмените“.

– Судската злоупотреба на Законот за граѓанска одговорност за клевета поттикнува самоцензура во медиумите. Тужбите се користат како алатка за заплашување и притисок врз независните медиуми, стои во Извештајот.

Распространетите дезинформации и недостигот на професионализам, се вели во извештајот, придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади.

– Иако телевизијата е доминантен извор на информации, онлајн медиумите играат важна улога. Сепак, мора да се направи разлика помеѓу професионални онлајн редакции кои вработуваат професионални новинари и објавуваат оригинална содржина, и поединечни портали кои објавуваат плагијат и прават копи-пејст на таквата содржина, стои во Извештајот во однос на медиумскиот пејзаж.

Во однос на безбедноста се наведува дека иако 2021 била релативно мирна, иако новинарите се често мета на вербални напади.

Од друга страна во извештајот на Стејт департментот објавен пред помалку од еден месец има уште покритички тон во однос на слободата на медиумите.

„Во текот на годината имаше случаи на физичко насилство, наводни закани и малтретирање на новинари“, се вели во извештајот. 

Во овој извештај беше нотиран и притисокот што власта го прави врз Телевизија Алфа преку институциите – Финансиската полиција,  Министерството за внатрешни и Јавното обвинителство.

Инаку и покрај речиси секојдневните контроли, проверки и чешлања на документацијата со години, власта досега не успеа да најде ништо неправилно и незаконско во работењето на телезивијата.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста