Македонија меѓу земјите со највисока инфлација во Европа, граѓаните разочарани зашто парите ја губат вредноста

Инфлацијата во Македонија која од месец во месец станува се повисока, и ја јаде вредноста на парите. Со стапката на мајската инфлација, од 11,9%, работниците кои го зедоа повисокиот минималец, веќе не чувствуваат дека имаат повеќе пари. Од земјите во регионот, единствено, Косово и Бугарија се во поголеми проблеми од нас, сите други, имаат пониска инфлација, односно подобро живеат.

Сиромаштијата и тешката живеачка ќе го донесе народот до питачки стап, а државата ја нема никаде да им помогне на оние на кои тоа им е и повеќе од потребно, се жалат граѓаните кои со тешки маки бараат храна по контејнери.

  • Абе немам коментар, ужано нешто ова е нешто ненормално, еве до кај стасавме, и така ќе биде уште полошо, е тоа ни е државата, разочарани се луѓето.

Дека живеачката станува се поскапа и парите ја немаат вистинската вредност, покажува и новиот извештај на Генералниот директорат на Европската комисија за статистички податоци „Евростат“.

Според податоците за инфлацијата во мај годинава, Македонија се најде меѓу државите со највисока стапка на инфлација од 11,9%. Па така, платите ја губат битката со цените.

Инфлацијата веќе го изеде покачувањето на минималецот. Од 18.000 денари, околу 2.000 заминале во воздух. Кај просечната плата пак која е нешто над 30.000, а ретко кој ја зема, загубите се над 3.000 денари. Граѓаните револтирани.

  • Јас имам пензија 10.000 денари, за лекови и сметки ми одат 9.000, па сега видете како се живее, да не се пријателите да помогнат изгоревме, готови сме. Ова е катастрофа, ни држава, ни Влада, ни ништо. Секаде надлежните им помагаат на граѓаните, само кај нас никој ништо не прави, велат меѓу другото граѓаните во изјава за Алфа.

Дека економската слика во Македонија не чини потврдуваат и економистите. Велат дека секое покачување на минималната плата не може да го покрие поскапувањето на производите и на горивата.

  • Ние во континуитет години наназад обвинуваме, коментираме и постојано посочуваме дека Владата во континуитет прави погрешни економски политики. Односно речиси и да нема економски политики. Ќе тргнам најпрвин од она што се вика даночна политика, вие имате комплетно нестабилна даночна политика, едно ветуваа кога доаѓаа и кога беа изборите 2016-та година за да во континуитет да имаме промени во даночната политика. Од таа причина последните пет години ние воопшто немаме или многу малку имаме инвестиции од страна на приватниот сектор, тоа што треба да биде мотор во економијата, истакна Гордана Димитриеска Кочоска, поранешната заменик-министерка за финансии во изјава за Алфа телевизија.

Димитриеска Кочоска додаде дека во континуитет погрешните политики на СДСМ ја доведе државата во лоша економска состојба односно до економскиот крах.

  • Денес имаме многу тешка ситуација со која што се соочуваат граѓаните во Македонија, а тоа е високите цени кои што се да кажеме највисоки во регионот. Морам да потенцирам една работа, ние во континуитет зборувавме дека инфлацијата во Македонија не започна со војната во Украина. Инфлацијата започна многу порано. Јас зборував за инфлацијата уште во јануари 2021 година. Односно да не заборавиме поскапувањето во Македонија на електричната енергија предизвика да почнат да се раздвижуваат цените. И значи веќе во 2021 година државата имаше поскапување на цените, појасни Димитриеска Кочоска.

Таа укажа дека и во енергетиката состојбата е катастрофална. И таму во континуитет ВМРО-ДПМНЕ опоменуваше и кажуваше дека ќе се дојде до ситуација која што денес се случува во Македонија во однос на електричната енергија. Но слух од страна на Владата немаше воопшто во минатото, па ниту сега.

Во вакви околности, коишто личат на 1970-тите, не смееме да дозволиме на сцена да се врати стагфлацијата, односно, општ скок на цените со драматичен пад на производството, вели министерот за финасии Фатмир Бесими.

  • Инфлацијата предизвикана пред сѐ од страната на понудата, не може да се реши исклучиво со инструменти за намалување на побарувачката. Неопходна е координација на фискалната и монетарната политика, пишува меѓу другото министерот за финансии Фатмир Бесими во својата колумна.

Пред Македонија, според високата стапка на инфлација, се само 8 држави, на чело со Турција којашто има годишна инфлација од 73,5%. Од земјите во регионот, пониска инфлација имаат Албанија, Словенија, Србија, Хрватска и Црна Гора, а повисока – Косово и Бугарија.

Борис Грујоски

Поврзани вести