Македонија летово нема да добие датум за преговори со ЕУ

Нема датум за почеток на преговорите за Македонија во т.н. нацрт- заклучоци од претстојниот состанок на Советот на ЕУ, известува МИА. Тоа значи дека Советот ќе дискутира по нив, но нема да се реализираат очекувањата кои ги има владата за датум во јуни. Во текстот на нацрт- документот стои дека земјава ги исполнила условите за да ги стартува преговорите, но нема тајминг за почеток на истите.
Според премиерот Заев, на потег е Брисел. Тој и натаму ја уверува европската заедница дека земјава заслужува датум, истиот и го очекува без разлика на пораките што стигнуваат од таму. Свесен е дека датумот не значи и влез, па порачува дека Брисел треба да ни даде шанса сега. Ако тоа не се случело, смета Заев, ќе се врателе националистичките структури, а можела и да му падне владата.
Пред една година тврдеше дека датум има:
-Македонија доби датум за почеток на преговорите, јуни 2019, ред е тоа да биде потврдени и од независната страна, Европската Комисија. Излезе и претседателот на Европскиот Совет заедно со мене на прес конференција, со брендирана позадина да го потврди тоа, комесарот Хан кој што е задолжен за преговорите, го потврди тоа неколкукратно и ќе дојде и во Македонија да го потврди тоа. Мислам дека е дегутантно да се негира до ден денеска фактот, дека Македонија доби датум за преговори, рече Заев, 2 јули 2018 година
Очигледно е оти владата не ги исполни стандардите, иако тврдеше дека промената на името е доволно, затоа ЕУ нема да ни се случи сега, вели опозицискиот лидер Мицкоски.
– И Европа нема да дојде само затоа што власта го смени името, туку затоа што не работи ништо за постигнување на стандарди. А од почетокот велев дека Европската Унија е пред стандарди кои мора да се постигнат. Нема ниту една реформа мерка или подобрување кое ќе го изнесе на маса и поради кои ќе ги убеди европските партнери дека заслужуваме датум за преговори.
ВМРО-ДПМНЕ ќе се однесува одговорно, и ќе се бори земјава да добие датум за преговори, и покрај сите скандали, неработа, промашувања и измами на власта, затоа што граѓаните не заслужуваат да бидат жртва на неспособната Влада која започнува да шири евроскептицизам, вели Мицкоски.
И новата надеж, есенскиот датум е дискутабилен вели францускиот амбасадор Кристиан Тимоние за Алфа. Прашање е колку ова лето ќе биде работно и воопшто ќе може да се спроведат сите реформи кои за сега се на хартија смета амбасадорот. И додава оти никогаш ни Франција ни ЕУ не дале бланко потврда дека со промената на името ќе следи и датум.
– Каква е реалноста со функционирањето на судството сега? Ова е само еден пример. Но таа потешкотија е централна, а за неа треба да разговараме со другите земји членки од Европската Унија. Вистинското прашање е дали ќе се базираме на стандардите на хартијата или ќе ги гледаме реалностите на терен, вели Тимоние.
По последната информација од Брисел дека нема датум, прашање е што ќе промени посетата на Заев во Берлин каде најави оти ќе се сретне со Меркел. Особено бидејќи се знае дека клучот не го има само Германија, туку и Франција, Холандија…Уште поголема дилема е дали летово може воопшто да се реализираат условите што ги очекува ЕУ за било каква одлука на есен.
До сега, од регионот само Македонија и Албанија се кандидати кои немаат почнато преговори, за разлика од Србија и Црна Гора кои се веќе поодмината фаза. Од друга страна пак со Турција одамна почнатите преговори се стопирани.
Искра Коровешовска