Македонија и официјално стана „Северна“

Република Македонија од синоќа и официјално стана Република Северна Македонија. По пристигнувањето на дипломатската нота Владата објави дека Спогодбата од Преспа влегува на сила и земјата добива ново име – ерга омнес. Уште од синоќа започна спроведувањето на мерките, а прв претрпе измени Владиниот сајт, на кој има ново лого – Влада на Република Северна Македонија.

Денеска на граничниот премин Богородица, се поставува официјално и првата табла со новото име, а веќе една од постоечките доби само лепенка со додавката Северна пред Македонија.

Директорот на Царинска управа вели дека на почетокот на таблите ќе се стават само лепенки а за поставување нови ќе треба да се распише тендер.

За 2 месеци ќе се сменат и сообраќајните знаци на меѓународните правци во земјата, давајќи предност на ендонимите (во англиска транскрипција) врз егзонимите (на македонски јазик во кирилско писмо).

Владата објави дека за 7 дена ќе се утврдат стандардите за визуелен приказ на уставното име заедно со државниот грб. Ќе се изработи и софтвер кој ќе ги содржи сите институции од државно и локално ниво но и димензиите на јавните табли, а промената на истите ќе треба да се заврши во рок од 4 месеци.

Сите институции имаат рок од 3 дена да извршат промена на дигиталните записи, а во рок од 2 недели да ги изменат меморандумите, печатените материјали, папките и индикаторите. МНР има рок од 2 недели да ги замени таблите, печатите и штембилите во министерството и рок од 3 недели да направи замена и во дипломатско-конзуларните претставништва.

И политичките партии ќе треба да претрпат измени, бидејки се финансирани од буџетот. Премиерот Заев синоќа кажа дека допрва ќе се разгледуваат опции за промена на името на партијата.

Ќе се прави ревизија на спомениците и јавната инфраструктура – за се што според Договорот спаѓа во хеленската култура ќе бидат преземени мерки. Во рок од 6 месеци од јавниот простор и од јавна употреба ќе треба да се отстрани симболот од поранешното национално знаме (сонцето од Вергина).

Во меѓувреме издавањето на нови пасоши ќе започне од крајот на 2019та година, а како преодно решение МВР на сегашните пасоши при излегување или влегување во земјата ќе стави печат – Република Северна Македонија.

За 4 месеци ќе има нови регистарски таблички за возилата, а засега на старите ќе се стават налепници НМК.

Првите нови банкноти со новото име, се очекува да бидат изготвени на почетокот на 2020г и да бидат целосно заменети најдоцна во рок од 5 години од отварањето на релевантното ЕУ поглавје.

Во меѓувреме, со усогласен текст меѓу Скопје и Атина веќе е и испратено заедничкото писмо до Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш. Вербалните ноти до Секретаријатот на ОН, земјите членки и набљудувачи на ОН како и сите меѓународни организации чија членка сме, ќе бидат испратени во најкус временски период.