Македонија и Европа во нов ковид бран – 30% од тестираните се позитивни

792 нови случаи и двајца починати . Ова е ковид билансот од вчерашниот ден. 30 проценти од вкупниот број на тестирани  се позитивни, а најмногу новозаболени се регистрирани во Скопје, Битола и Охрид

Споредбено со минатиот период бројките се поголеми, но според инфектолозите новохоспитализираните не преставуваат притисок врз здравствениот систем. Во Штип речиси 35% од тестираните се позитивни, а на Инфективно хоспитализирани се 7пациенти. Сите се со полесна форма на болеста.

„Генерално се хоспитализирани повозрасни пациенти над 60годишна возраст. Најголем дел од нив имат други кормбобидитети или биле примени на другите одделенија поради друго заболување, а по излегување на позитивен резултат се пренесени на нашето одделение„-изјави д-рДијана Шишкова, началник на Одделение за инфективни болести, при Клиничка болница Штип.


Расте бројот на заболени и во Европа. Новиот бран е причина СЗО да го продолжи периодот на пандемијата. Ситуацијата се уште е сериозна и преставува висок ризик за јавното здравје, посочува Анабела Марија, директор на болница во Италија, која деновиве на меѓународната конференција во Штип со преставници од Шпанија,Португалија, Франција, Германија разменуваат искуства за функционалноста на здравствениот систем во време на ковид пандемијата.


  „Сега ситуацијата е поразлична. Многу помал број на пациенти имат потреба да бидат на интензивна нега. И понатаму имаме високи бројки на позитивни пациенти. Вакцинацијата многу ни помогна и одделите за интензивна нега не се оптеретени како што беа претходно„-вели Анабела Марија, медицински директор на болница во Боргоманеро, Италија.  


Што ќе донесе ова лето за медицинaрите е неизвестно. Според нив место за паника нема. Доминира подваријантата омикрон, која брзо се шири , но не предизвикува потешка форма на болеста. Досега од почетокот на пандемијата заразени се речиси 320.000пациенти, а Македонија е  во топ петте земји по смртност од ковид.

Александра Ристевска