Македонија и Бугарија и годинва одвоено ќе го прославуваат денот на Св. Кирил и Методиј

Големиот празник 24-мај – Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, ќе се чествува и Македонија и Бугарија ама повторно одделно. За сега, нема никаква најава за присуство на бугарски претставници на манифестацијата која владата ја организира во Охрид. Таму ќе биде премиерот Ковачевски, а ќе има и делегација од Вила Водно. Во Охрид, празникот ќе го чествува и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.
Делегација на чело со собранискиот спикер Талат Џафери лета за Рим, а Пендаровски ќе испрати видео честитика.
- „Претседателот Пендаровски како и секоја година ќе упати честитка до граѓаните, а делегација од Кабинетот ќе положи свежо цвеќе на спомениците на светите браќа Кирил и Методиј во Скопје и во Охрид“ велат за Алфа ТВ од Вила Водно.
Во Охрид прославата која ја чини Македонија, над 130 илјади евра, според јавната набавка која ја склучила Службата за општи и заеднички работи, ќе започне вечерва во Црквата Св. Софија. Утре, е организирана панел дискусија „Македонскиот јазик во словенскиот свет” на која ќе се обрати премиерот Ковачевски, ќе се положува цвеќе пред споменикот на светите Кирил и Методиј, а манифестацијата ќе продолжи на Плаошник. Од таму пренос во живо ќе има на првиот македонски канал.
Во Охрид, во црквата Св. Софија, утре свечена академија организира и опозицијата.
Од друга страна, првиот бугарски канал најавува и посебна програма на утрешниот ден кој според нив е празник на бугарската азбука, просвета и култура и на словенската книжевност. БНТ 1 на сите свои четири канали ќе има отворена програма, вклучувања во живо од повеќе градови и пренос на повеќе претстави и музички настапи. Државни делегации ќе положат цвеќе во повеќе градови, од што пренос во живо ќе има на првиот бугарски канал.
- „На 24-ти мај бидете со БНТ, заедно да го прославиме празникот“ .
И во Рим, најверојатно македонската и бугарската делегација посебно ќе го одбележат празникот. Спикерот Џафери, по систем на ротација, годинава ја предводи државно-црковната делегација во Рим.