Македонија има се повеќе луѓе без документи, ама државата се грижи се помалку за нив, проблем бирократијата
Државата глува за луѓето кои немаат лични документи и се без идентитет. Такви луѓе има се повеќе, велат од невладиниот сектор кои преку фонадации прават напори да им обезбедат документација, но и покрив над глава. Велат дека наместо државата да им олесни, бирократијата и административниот хаос им создаваат дополнителни главоболки.

- Во просек има по еден до двајца кај кои правиме напори да им направиме документи. Но морам да кажам дека има и граѓани кои и генерациски се без документи, вели за Алфа Тони Станковски, од здружението на граѓани „Љубезност“.
Покрај фантом – луѓето, проблем, велат е и високата стапка на сиромаштија. Луѓето кои се оставени сами на себе, едвај крпат крај со крај, спас бараат во невладиниот сектор кој се обидува да им помогне колку што може, а институциите како да не постојат.
- Најсиромашната категорија граѓани е најпогодена, и многу е важно да имаме еден интегриран пристап до тоа, за да се олесни целата процедура, затоа вакви организации прават се за да им помогнат на овие луѓе, на кои помошта сега и одма им е и повеќе од потребна, рече за Алфа Спасе Спасов, проектен менаџер во здружението „Грижи се“.

И додека овие луѓе едвај преживуваат, шефот на државата Стево Пендаровски рече дека го потпишал Указот на измените на Законот за матична евиденција, со што над 600 граѓани ќе можат да добијат лични документи. Па така, секое родено дете ќе може да добие извод на родени, без разлика дали родителите имаат документација. Потегот на претседателот следува откако активистот Суад Мисини пред Собранието почна штрајк со жед поради, како што рече, нерешавањето на проблемот со лицата без документи.

- Ние сме цивилизирана држава, барем претендираме дека сме, нашиот Устав гарантира фундаментални права, во согласност со меѓународните стандарди и спроведувањето на овие закони во пракса ќе подразбира дека овие деца ќе бидат во состојба да градат продуктивен живот. Но не е важна бројката, важно е тие лица да ги интегрираме во општеството, дојдено е времето да се стави крај на овој проблем. Кога постои минимум политичка волја,кога институциите сакаат да го решат проблемот, може многу брзо да се реши. Тоа го докажале во повеќе области, вели Мисини во изјава за Алфа.

- Со овие измени им се овозможува на над 600 наши граѓани да ги решат нивните проблеми и да добијат лични документи. Исто така со измените ќе се реши и проблемот со бездржавјанството и на секое дете кое ќе биде родено во земјата затоа што ќе добие извод при раѓање, без разлика дали неговите родители имаат или немаат лични документи, појасни претседателот.
Проблемот на луѓето без документи е се поголем, а расте и бројот на сиромашно население. Според „Евростат“, над 95,3 милиони луѓе во ЕУ или 22% се сиромашни. Овој индикатор во земјава е двојно повисок за разлика од лани, и ја рангира Македонија на второ место во Европа по сиромаштија. Само лани, над 40% од Македонците живееле многу тешко, а уште потешко било да се најде трајно решение.

Според статистика, стапката на сиромаштија во 2020 изнесувала 21,8% или над 452.000 граѓани живееле лошо, но бројката не може да се земе за соодветна, ако се има предвид и сивата економија која никако да се намали.
Борис Грујоски