Македонија има европски Закон за заштита при работа, но само на хартија

Македонија има европски Закон за заштита при работа, но само на хартијa, во пракса речиси и да не се спроведува, алармираат надлежните. Работните места стануваат се поризични, посебно градилиштата каде законите воопшто и да не се почитуваат. За проблемот да биде уште поголем, нема ниту доволно инспектори на терен за да ги контролираат и фирмите и газдите.

Иако имаме европски закон за заштита при работа, имаме и надевропски просек на несреќи на работно место. Дека се почесто се гине на работа, потврдуваат и од здруженијата. Познавачите на состојбите велат дека по еден работник неделно го губи животот на работно место и тоа поради не почитување на законската регулатива. Само годинава имало над 130 повредени работници и дури 33 смртни случаи.

– Невниманието на работникот и неодговорниот однос на работодавачот најчести причини за несреќите на работа, рече Владимир Георгиевски, експерт за заштита и здравје при работа.

За ваквата црна статистика да се намали, потребни се и свест и Законска регулатива, иако таа барем за сега е само на хартија. Дека тоа е така сведочи и сликата од терен каде работниците се на скеле на пеколни температури, и покрај апелите од надлежните да не се работи кога е прежешко.

– Потребно е доекипирање на Државниот инспекторат за труд, зашто нема ниту инспектори, ниту пак некој што може да врши надзор над градилиштата, каде и на плус 40 степени, работниците работат. Сметам дека ако два-три дена кога на сила е забраната, може да се направи пауза, и сигурен сум дека нема да има ниакви загуби, рече Иван Пешевски, заменик-претседател на Синдикатот за градежништво.

Покрај градежништвото, како најопасни професии кои земаат најмногу човечки животи се оние во земјоделството, индустријата, но во транспортните дејности. Високите бројки на несреќи се резултат на застојот кој постои во пренесувањето на пораките до газдите за превентивно делување за заштита на своите работници.

Според здруженијата, стапката на смртни случаи е на секои 100.000 вработени, 4 до 5 загинати работници. Велат кај нас страшно е дека од година в година, наместо да се намалува, црниот биланс расте, и тоа пред се поради неажурноста на законската грегулатива.

Борис Грујоски