Македонија – земја без енергетски суверенитет

Не произведуваме доволно струја, ниту пак имаме мазут и јаглен за работа на термоелектраните, уште помалку гас за топланите. Енергетската зависност земјава скапо ќе ја плати претстојнава зима, за која сите држави на големо се подготвуваат да биде најтешка во последниве 70 години. Откако државните електрани се обврзаа да произведат и задоволат 100% од потребите на домаќинствата, речиси никој не верува дека тоа и навистина ќе се случи, бидејќи во минатото редовно се случуваа дефекти, ремонти и истовремено не работеа сите три блока на РЕК Битола. Бидејќи не се подготви на време како и другите држави, економскиот тим на Владата упорно се „трка со времето“ во последниве неколку недели и се обидува во „5 до 12“ да обезбеди енергенси за цела сезона.

Сè уште нема одговор дали вчерашната државна мисија во потрага по гас и струја во Турција завршила успешно. На преговори со турската државна гасна компанија „Боташ“ која продава гас со потекло од Азербејџан, Русија и Иран во Истанбул се упатија министерот за економија Крешник Бектеши, директорот на ЕСМ Васко Ковачевски, како и директорите на Национални енергетски ресурси и МЕПСО Бајрам Реџепи и Орхан Муртезани. Не се знае дали со Турција ќе падне договор за помош при набавка на струја и гас за време на енергетската кризна состојба. Ако се договорат количини на гас, тие треба да влезат во Македонија од гасоводот „Турски тек“ преку краците во Бугарија и Грција.

Претходно пропадна договорот и за увоз на струја од Бугарија. Преговорите пропаднаа бидејќи двете страни не можеа да се договорат околу цената. Министерот Бектеши се надеваше дека може да се обезбеди струја по цена од  180 евра за мегаватчас на колку што се очекува да се ограничи цената на електричната енергија во рамки на Европската Унија.

Владата тврди дека количини што се договараат ќе бидат наменети исклучиво за индустриските капацитети, но експертите се сомневаат дека на крај тие ќе завршат кај домаќинствата по крах на некој од капацитетите.

Засега економските министри успеаја да се договорат со Србија за испорака на гас преку Бугарија и со Грција за набавка на мазут и јаглен за потребите на македонските тремоцентрали.

Тања Попова